декември 20, 2021

Љубљана/Струга, 20. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Димитар Трифуноски од Струга е четврта година на Медицинскиот факултет во Љубљана и е добитник на Плечниковата награда. Достигнал врвни резултати по предметите анатомија, хистологија, ембриологија и патологија.

Работи како демонстратор на Институтот за микробиологија и имунологија.

За тоа како успеал да постигне одлични резултати со кои ја стекнал титулата врвен студент и ја добил Плечниковата награда, во интервјуто за порталот факултети.мк Димитар вели:

„Станува збор за индивидуална награда која Медицинскиот факултет во Љубљана ја доделува на студент во четврта година кој во претходните 3 години, или „претклиничкиот“ дел на факултетот, достигнал врвни резултати по предметите анатомија, хистологија и ембриологија и патологија. Секоја година бројката на студенти е различна. Оваа година во цела генерација од околу 200 студенти, наградата ја добивме јас и уште 12 колеги. Во однос на тоа, еден професор на факултетот ми честита и ми кажа дека сум можеби единствениот странец што ја добил оваа награда.“

Плечниковата награда е за исклучителни резултати при гореспоменатите предмети. Јанез Плечник e познат словенечки анатом и патолог, завршил медицина во Виена, каде што учествувал и во истражувањето на крвните групи. Основоположник е на Институтот за патологија во Љубљана, како и брат на познатиот словенечки архитект Јоже Плечник. (Крај)

извор факултети.мк фото: факултети.мк

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука