јануари 26, 2015

Скопје, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Општите болници во Струга, Гевгелија, Велес и Кочани, се јавни здравствени установи со најдобри постигнувања во 2013 година, покажуваат од резултатите од имплементацијата на системот за Избалансиран приказ на постигнувањата на јавните здравствени установи кој почна да се применува во 2013 година, како една од најсовремените стратешки алатки за следење на работата на јавните здравствени установи во Република Македонија.

Станува збор за алатка со која се вреднуваат постигнувањата на менаџментот на секоја здравствена установа, преку следење на четири области: финансии, пациенти, клинички фокус, развој и обука.

На презентацијата на резултатите министерот за здравство Никола Тодоров посочи рече дека Клиниката за гастроентерохепатологија ги постигнала сите предвидени цели по индикаторите, односно работи без долгови, не го надминува буџетот за лекови и медицински потрошен материјал, поттикнува воведување на нови интервенции и научна работа, и согласно спроведените анкети пациентите се задоволни од здравствените услуги, а Клиничката болница во Штип има најголеми достигнувања од областа на финансиите.

Според Тодоров меѓу болниците со најдобри постигнувања за 2013 недостига Градската општа болница „8 Септември”, бидејќи, појасни, таа јавна здравствена установа оваа година има зголемен обем на услуги, а тоа значително влијае на финансиската состојба, за што ќе биде направена евалуација во наредниот период.

– Кај здравствените домови во топ 5 се издвоија ЗД во Валандово, во Скопје, Берово, Делчево и Пехчево. Меѓу специјалните болници, најдобри постигнувања има Специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново, потоа Заводот за физикална медицина и рехабилитација со целосно исполнети цели по индикаторите во областите на пациенти и клинички фокус, како и Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, кој и покрај зголемениот број на пациенти, бележи намалување на долговите, рече Тодоров.

Нагласи дека станува збор базични резултати кои треба да претставуваат поттик за натамошно подобрување на постигнувањата на јавните здравствени установи, односно целокупно унапредување на здравствениот систем во државата.

За 2015 година, истакна, развивме нова методологија со утврдени национални индикатори, како и индивидуални индикатори на успешност за секоја јавна здравствена установа, а предвидуваме поголем број индикатори во сите области.

Согласно измените на Законот за здравствена заштита, директорите се должни да обезбедуваат податоци потребни за мерење на успешноста. Ќе бидат казнети од плата доколку не бидат остварени некои од годишните целни вредности на клучните индикатори.

– Министерството за здравство четири пати годишно ќе врши евалуација на успешноста на ЈЗУ во остварувањето на системот за Избалансиран приказ на постигнувањата на ЈЗУ и четири пати годишно ќе изготвува ранг листа на најуспешни ЈЗУ. Вработените во ЈЗУ која се наоѓа осум пати во текот на две последователни години на прво место на ранг листата на најуспешни ЈЗУ, добиваат парична награда во износ од 10 отсто од минималната плата во Македонија, во текот на три месеци последователно, изјави Тодоров. (Крај)

извор: Вечер фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука