февруари 2, 2020

Скопје/Охрид, 2. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сме целосно подготвени да се справиме целосно со можни заболени лица од коронавирусот.

Сепак останува прашањето зошто контрола на патниците со термо камери се врши само на скопскиот аеродром? Што е со другите гранични премини – го отвора прашањето порталот мкд.мк.

Засега мерките за сузбивање на ширење на вирусот со термо камери се применуваат само на скопскиот аеродром. Што се со аеродромот во Охрид? Што е со граничните премини Ќафасан, Св. Наум, Блаце, Богородица, Деве Баир…? Патници кои доаѓаат од Кина може да допатуваат и на некој од аеродромите во соседството и со возило да влезат во Македонија.

– Точно се знае што ќе се прави со секој сомнителен патник кој ќе стигне на Меѓународниот аеродром – Скопје. Доколку има пациенти кои имаат одредени симптоми на коронавирусот постои јасно одреден алгоритам како се постапува со изолација, со мониторирање… Патниците кои доаѓаат од Кина и немаат симптоми се упатуваат на домашен мониторинг во период од две недели колку што трае инкубацијата и ќе добијат телефони од Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом во Скопје, Институтот за јавно здравје на кои ќе може да се јават за да ги контактираат лекарите со цел да не бараат здравствена помош во институциите, за да се спречи евентуално ширење на заразата. Нема ризик за голем број заболени од коронавирусот, но го подготвивме целокупниот здравствен систем, Целосно сме подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам далеку сме од тој ризик, истакна неодамна министерот за здравство Венко Филипче.

Бројот на смртните случаи од коронавирусот во Кина достигна 304, откако вчера, сабота, починале 45 лица. Заразени се 2.590 нови лица, а властите јавуваат за 328 излечени кои се отпуштени од болница. Освен во Кина и околните земји, коронавирусот е веќе детектиран и на европско тло. (Крај)

извор: Мкд.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука