февруари 28, 2020

Охрид, 28. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Бројни се јавувањата од граѓани на телефонскиот број во охридскиот Центар за јавно здравје на кој може да се пријават сомнителни случаи поврзани со корона вирусот. Но, досега во охридскиот регион нема ниту сомнителен случај ниту тестиран пациент за корона вирус.

Директорот на Центарот за јавно здравје Сашо Точков за Супер радио и OhridPress изјави дека граѓаните се свесни и сами се јавуваат иако немаат симптоми на болеста.

– Најчесто се јавуваат луѓе кои престојувале во Италија, иако немаат никакви симптоми за вирус. Сепак присутна е паниката, па се јавуваат да бидат сигурни. Им се поставуваат неколку прашања за тоа како се чувствуваат, дали и каде патувале и слично. Досега немаме ниту сомнителен случај, ниту тестиран пациент за корона вирус. Добра и транспарентна е оваа постапка на министерството за здравство со објавувањето на броевите од здравствените установи каде граѓаните може да се обратат, се влијае на нивната свесност сами да се јават и да се консултираат. Состојбата е под контрола, нашите епидмиолози им ги даваат потребните насоки на граѓаните, потенцира Точков.

Соодветно опремени тимови на Центарот за јавно здравје, и вечерва ќе бидат на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ бидејќи во 19:00 часот треба да слета авион со патници од Милано, град кој се наоѓа во ризичните делови на Италија.

Сите патници кои ќе слетаат ќе бидат прегледани со бесконтатен пиштол за мерење на телесната температура, а ќе бидат и анкетирани. Од охридскиот центар за јавно здравје смируваат дека контролите се доволни, додвајаќи дека сите патници до сега соработувле со тимот епидемиолози. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука