август 24, 2017

Струга, 24. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со антологиската „Т’ га за југ“ интерпретирана на македонски и англиски јазик и со спектакулерен огномет, Струга по 56-ти пат покажа дека е уникатен град на поезијата.  

Поздравувајќи ги Поетите и вљубениците во поетскат реч ги поздрави директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски.

– Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици. Зашто јазикот се сака со творештво. А тоа творештво постојано ги испитува моќите и можностите на јазикот. Она заради што постојат поетските фестивали и што ја дава нивната смисла е да се слави умеењето со јазикот да се создаде нешто што не постоело претходно. Поетското творештво е скулптурирање на светот со жив јазик, истакна Стефоски.

Mite Stefoski

Најавувајќи ја поддршката што Министерството за култура и во иднина ќе ја дава на фестивалот од кој се очекува и понатаму да биде предводник во светот и да го покажува најдоброто од домашното и меѓународното поетско творештво, министерот за култура Роберт Алаѓозовски подвлече:

– Децении наназад овој фестивал кој се одржува во градот на Миладиновци претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии, кои ја движат културата напред, не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто, истакна Алаѓозовски прогласувајќи го фестивалот за отворен.

Воодушевувањето од чинот на отворањето и од фестивалот не го криеше ниту годинашниот лауреат Чарлс Симиќ кој на традиционалното меѓународно поетско читање настапи заедно со 27 поети од странство. (Крај)

извор: СВП фото: СВП

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука