септември 15, 2022

Охрид, 15. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Нашиот денешен соговорник живеел во Италија, но одлучи да се врати во Македонија и тука да ја крои својата успешна животна и бизнис приказна. За Марко Трајкоски пицата била прва љубов, а токму во татковината на пицата ја научил уметноста од брашно.

По неговиот прекар во Италија, „Прова“ е именувана и пицеријата во центарот на Охрид, а од неодамна пица мрежата на Марко се прошири и во Струга. Нé воведе во кујната, ни покажа како умешно го владее тестото и подготовката на пица, а во меѓувреме разговаравме за враќањето во Македонија, што е она по што се разликуваат од останатите пицерии, рекордната бројка направени пици во еден ден, но и за плановите во иднина.

Супер радио: Живееше во убавата Италија, но одлучи да се вратиш во Македонија. Како започна Прова приказната?

Трајкоски: Како мал, моите родители се преселија во Италија после татко ми нé повлече таму, таму растев во малото гратче Сан Поло ди Пиаве. На моја 15 годишна возраст барав работа за преку лето и секогаш ме интересираше нешто поврзано со готвење, пици од секогаш, нели бевме нинџа желки генерации… Се вработив во една мала пицерија се викаше „Bottega della pizza“ што значи дуќанот на пицата, беа ланец имаа 4-5 take away пицерии како „Прова“ Охрид сега. Сопственикот беше Гвидо Гопо и таму ме воведоа во занаетот. После останав се’ додека одев во средно училиште, секое лето бев таму. По завршување на средно образование, љубовта кон пиците и натаму беше тука, па се вработив во друг ресторан, па во трет итн. Така поминаа 21 година како правам пици, пасти…

Супер радио: Од каде желбата да се прави пица, дали можеби потекнува од твоето семејство или имаше добар пример во Италија?

Трајкоски: Во семејството немам некој што го работи ова, барем не професионално. Ми беше интересно како помал да бидам во кујна, да фатам нож, да пресечам месо, да напрвам пица, тоа беше почетничко, но ми беше интерсно, гледав нон-стоп емисии за готвење. Во Италија колку што имаше цртани филмови, толку имаше и емисии за готевење и ми беше многу интересно. Секогаш сум бил љубопитен за храна, до ден денес, сакам да пробувам.

Супер радио: Сега веќе имаш изградена успешна приказна со пицерии во Охрид и Струга. Што значи името „Прова“, од каде идејата?

Трајкоски: „Прова“ буквално значи Prova l’arte della pizza – пробај ја уметноста на пицата. Прова во Италија ми е прекар, моите другари ме викаат Марко Прова, моето презиме е Трајкоски и беше мода да се викаме по презиме, моето им беше чудно и долго и ме викаа Try, на англиски проба и на италијански Прова и така остана.

Супер радио: Како што кажува името, си направил многу проби. Имало промашени, но и совршени пици. Што е најважно во кујната за да се направи еден вкусен специјалитет?

Трајкоски: Секогаш да се греши, што повеќе пробување, што повеќе грешиме толку повеќе имаме поттик за да го подобриме нештото, за да стигнеме до совршенството. Е сега дали правиш тесто, некој специјалитет со месо или друго нешто, мора секогаш да имаш момент кога грешиш за да знаеш каде е лимитот, за да можеш да го подобриш. Исто беше и во мојава кариера, имаше многу грешки, ама и многу успеси. Експериментирањето е дел од цела приказна, јас до ден денес експериментирам, посебно во зима, кога нема толку туристи, ги користам машиниве да испробам, користење различни типови брашно…

Супер радио: Што е она што го нудите по што сте различни од другите? Летово на Слоу фуд настан во Охрид ги освоивте симпатиите со македонска пица направена со 100 отсто македонски состојки.

Трајкоски: Пицата што ја презентиравме на Слоу фуд се вика „Македонка“, додуша ние ја имавме во понудата изминативе две години, секој септември. Има прова моцарела, ни ја произведува Бимилк за нас, како база имаме крем од павлака со копар, ставаме домашен ајвар, тврдо овчо сирење стоено 18 месеци и маслинка од Дојран, тоа беше интересно сите елементи на Макединија сакав да ги спојам и мислам дека е интересна. Се чудеа како ајвар на пица, па зошто да не. Мислам дека брзината на мислење околу комбинации на пици, и мешање состојки што за други би биле необични, мислам дека тоа нé разликува од другите. И „Македонка“ имаше грешки, но дојдовме до моментот кога рековме тоа е тоа. Бев задоволен, а видов дека и публиката беше позитивно изненадена.

Супер радио: Заедно со твојата сопруга веќе 4 години сте во приказната „Прова“. Дали кај вашите деца има интерес за оваа работа?

Трајкоски: Сопругата е 50% од приказнава, во секој поглед. Јан е мал се’ уште, има три годни. Деа знае да помогне да се најде во приказната и ѝ е интересно. Е сега дали би сакал да готви или да менаџира околу рестораниве, јас не знам, времето само ќе покаже, не ги форсирам.

Супер радио: Дали има разлики во рецептурата за подготовка на пица и има ли некоја тајна?

Трајкоски: Ведаш да го уништиме тој мит, кога ќе ме прашаат ова ти е рецепт од Италија сигурно ова е вистинска италијанска пица. Не, не постои вистинска, една, италијанска пица. Италија има 20 региони и секој си ја прави по негов начин пицата, се следат, но нема една единствена рецептура. Сега е во мода наполетана контемпорале, со големи венци и помала, пред 10-15 години беше во мода А ла Романа, тенка и поширока, значи има многу видови. Секогаш гледам во „Прова“ да го давам моето мислење, мојата визија за италијанска пица. И нема тајна состојка, има многу работа во пицата, изгледа едноставно, а има многу работа, нема една состојка што се додава како магија. Има знаење, грешки правење успеси и неуспеси, само мора да се експериментира, да примаме критики, да се обидеме да згрешиме, па да победиме. Секако тука е и техниката и технологијата што се користи.

Супер радио: Која е бројката на пици што ја имаш направено досега, има ли рекорди?

Трајкоски: Ако не се лажам 560 беше бројката на пици направени во еден ден, ова зборувам за Италија тоа беше на еден Ferragosto, toa e најглавниот празник во Италија на 15-ти август. А овде во „Прова“ сме стигнале до бројка од 380-390, во еден ден, тоа било во лето.

Супер радио: Прова е вкус во кој уживаат охриѓани, но и стружани. Кои се идните планови, каде се’ во иднина ќе може да се проба препознатливиот Прова вкус?

Трајкоски: За збогатување на понудата, јас можам да смислам нови видови јадење, нови видови на пица, но за тоа треба персонал и не може секогаш да е соодветно. Па, така понудата ја дозираме, концептот во Струга е ресторан, имаме и квалитетно вино, точено пиво, десерти. Овде концептот е take away. За иднина плановите се да ја прошириме мрежата по принцип на франшиза, логото е веќе брендирано, законски си има trade mark, веќе сме во преговори, се надеваме дека ќе се прошири мрежата во други градови низ Македонија, а зошто да не и во блискиот регион, каде покажаа интерес. Треба да се направи тоа зимава. Ние сме подготвени, а мислам дека и пазарот е подготвен за „Прова“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/Be1

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука