март 11, 2017

Охрид, 11. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Татјана Узуноска Тренеска, како уметнички директор на Културно – уметничкото друштво „Ѓердан“ од Охрид, посочува дека традицијата на младите генерации треба да се пренесува чекор по чекор, со голема љубов и трпение.

Смета дека манифестациите кои се значајни за градот Охрид, треба да бидат често исполнети со содржини поврзани со фолклорот. А за успехот на младите играорци, говорат самите награди, признанија и покани за учества на фестивали ширум земјава и во странство, додава Узуноска Тренеска.

Како гостин во Супер радио, Узуноска Тренеска преку интервју на OhridPress ги споделува најзначајните аспекти на делувањето на познатото Културно – уметничкото друштво „Ѓердан“.

kudgerdan1

Супер радио: Покрај возрасните членови во Културно – уметничкото друштво „Ѓердан“, се забележува дека посебен акцент ставате на младите, со цел зачувување и афирмација на традицијата и културата. На кој начин привлекувате нови членови?

Тренеска: Традицијата на КУД „Ѓердан“ е долга. Наредната година ќе прославиме 50 години од основањето на друштвото. Секогаш се ставало акцент на помладите членови, затоа што не е лесно да се привлечат нови членови, но некако се трудиме да им го направиме интересно времето кое ќе го поминат во нашето друштво, и покрај не баш совршените услови кои ги имаме за вежбање во салата. Правиме сè што можеме, за играорците да се чувствуваат пријатно. Имаме една интересна практика, на послужување на играорците со планински чај. Некои од помладите не знаат ни каков е тој планински чај. Оние повозрасните играорци, велат дека им останало во сеќавање варењето на чајчето во „Ѓердан“. Ние ја задржавме таа практика. Не е некоја голема работа, но, ете, останало кај нас како традиција. Покрај орото и песната, често правиме и тематски забави, во зависност од возрасната група. Имаме проби во природа, па секоја година во април и мај, ние веќе сме во природа и со младите одржуваме проби. Мислам дека успеваме да ги задржиме нашите членови. Речиси да нема дете кое еднаш дошло во нашето друштво, да се откажало од играњето.

Супер радио: Вие сте чести гости на различни културни манифестации кои се одржуваат низ градот. Посетителите со задоволство ја проследуваат програмата која вие ја приготвувате. Колку сметате дека треба да има застапеност на културно – уметнички друштва на значајни случувања и настани?

Тренеска: Во денешно време тешко е да се наметнеме со нашата програма, затоа што постојано се случува нешто друго. Ние со задоволство ја прифаќаме секоја покана за настапи. Со тоа, освен што им овозможуваме на нашите членови да се претстават, можат да се презентираат и носиите, а посетителите можат да погледнат интересна и разновидна програма. Обично, кога се одржуваат некои такви настани надвор, условите се малку импровизирани. Но, затоа кога се одржуваат настани во сала, таму е поинаку. Кога ќе забележиме насмевка на лицата на посетителите на нашите настапи, тогаш тоа кај играорците предизвикува задоволство.

kudgerdan2

Супер радио: Да се биде член во Вашето културно – уметничко друштво, значи да се запази и едукативната компонента во однос на запознавање на играорците со фолклорот. На кој начин тоа го постигнувате?

Тренеска: Секогаш на проби, јас им објаснувам на младите која народна игра од каде потекнува и за значењето на носиите. Треба да имаат некое познавање. Не значи дека нивното членство во културно – уметничко друштво треба да се сведува само како посетување на секција. Децата со душа сакаат да доаѓаат на проби, да видат што е предвидено да се игра. Јас им објаснувам што е тоа настап, што е тоа кореографија, за секој чекор, да имаат и некое теоретско познавање. Им објаснувам дека секогаш кога имаме настап некаде, имитираме слика од селски амбиент. Така, кога се настапува во центарот на Охрид, треба автентично да се прикаже како да сме на сред село, како сме облечени во народни носии. Порано во селата ги чекале празниците за да се облечат во новите облеки и да се појават на сред село. Градската носија е типична за Охрид, а ние играме во носии од околината на Охрид. Така, секое дете знае дека одредена носија потекнува дали од Мешеишта, Пештани, или други места.

kudgerdan3

Супер радио: Кога веќе ги спомнавме носиите, охриската носија многу етнолози ја оценуваат како најколоритна и најпрепознатлива. Носиите се суштествени поради фактот што, во периодот кога на овие простори се мешале многу народи, преку некои традиционални белези, нашиот народ мудро го оставал како печат пулсот на нашето постоење. Како се снабдувате со носии?

Тренеска: Голем број од носиите кои ги користат нашите играорци, се оригинални. Мал дел се стилизирани носии од Источна Македонија. Но, нашите носии од Охрид, се сите оригинални, ткаени, везени со срма. И секогаш привлекуваме внимание каде и да се појавиме. Ретко културно – уметничките друштва користат оригинални носии, обично е тешко време и се гледа да се помине со шиење на потребните носии, што не е за критика, затоа што живееме во тешко време, поддршката е мала. И да бараме средства за такви нешта, ретко добиваме. Минатата година, на пример, имавме доста комерцијални концерти. Мој принцип на работа е, секогаш кога се игра одредено оро, да се игра во соодветната носија. Не можам да замислам да се играат, на премер, игри од Малешевијата, а да се биде во носија од охридско. Три години сум активен кореограф во друштвото и уметнички раководител и се трудам да ги тргнам некои навики, затоа што сепак, треба се биде професионалец. Кога играме, без разлика дали гостите се од Норвешка или од Данска, доволно е еден во публика да забележи дека се носи соодветна носија.

kudgerdan4

Супер радио: Оригиналните опинци, освен што се тешки за изработка, туку повеќе нема занаетчии опинчари, кои изработуваат вакви обувки, затоа што истите се бараат само од културно – уметничките друштва, или за сувенири. Како е ситуацијата за набавка на обувките кои Ви се потребни?

Тренеска: Баш оваа година набавивме дваесет пара опинци. Сите тие средства кои ги собравме од концертите, ги вложивме во обнова на носиите и опинци. Имаме најквалитетни обувки. Среќни сме, кога ќе ги видам децата кога играат, сите да се во исти обувки.

Супер радио: Со фолк игрите секогаш оди и песната. Имате и млади пејачки таленти, кои ги придружуваат играорците. Подготвувате ли нешто ново од тој аспект?

Тренеска: Во моментов имаме хор од деца „Распеано ѓерданче“, каде членуваат деца од 5 до 14 години. Во моментов сме во подготовка на еден проект. Подготвуваме нова песна, јас сум автор, на музиката, текстот и аранжманот. Се монтираше во студио „Карајли“. Песната е во мешан стил, модерна музика со традиционална музика. Во рефренот ја користам познатата мисла, која важи за Македонија, дека „каде и да одиш, кога си во Македонија, немој да пееш и да играш, затоа што ќе бидеш и натпеан и надигран“. Ова е веќе стара позната изрека, а застапена е во рефренот. Имаме многу квалитетни вокали во нашето културно – уметничко друштво. Секој концерт задолжително поминува со песна, не настапуваме само со ора и кореографија, секогаш имаме една до две песни. Да не откривам сега премногу, но во подготовка сме на формирање на пејачка група, кои ќе пеат теми од Егејска Македонија. Ќе започнеме со таа музика, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите.

kudgerdan5

Супер радио: Секој кој што членувал во фолклорно друштво, освен љубовта кон традицијата, го издвојува како посебен момент и дружењето, патувањата на бројни фестивали. Во однос на гостувањата на меѓународни настани, кои се оние кои следуваат?

Тренеска: Моментално се подготвуваме за Меѓународен фолклорен детски фестивал во Виена, кој е од 20-ти до 26-ти април. На враќање, ќе поминеме од Нови Сад, каде ќе гостуваме на настап на Културно уметничкото друштво „Невен“ од Нови Сад, кои во наша чест ја организираат таа манифестација. Ние како играорци од Охрид, секогаш сме атракција, па неколку друштва ќе организираат заедничка вечер и секое друштво ќе има посебен концерт. Тоа е добра можност да се запознаат децата од нашето друштво со останатите друштва од регионот. Исто така, девојките се подготвуваат за Истанбул. На 21-ви март ќе учествуваат на манифестација за отворање на музеј на вода, каде ќе настапуваат делегации од неколку земји од Европа. Што се однесува со тоа каде досега сме настапувале, секоја година одиме некаде. Минатата година бевме во Хрватска. Таму добивме награда и високи признанија. Секогаш нашиот фолклор привлекува внимание, како ритмиката, динамиката, кореографијата, носиите.

Супер радио: Кои се позначајните моменти од самите почетоци на друштвото и дали се подготвувате за догодина, за одбележување на 50-годишнината од основањето? Дали Ве посетуваат ветераните и некогашните играорци од КУД „Ѓердан“?

Тренеска: Друштвото го формирал Наум Гаврилоски заедно со Методија Бараковски – Менде. Од 1968 година работеле неколку години, па потоа се разделиле. Наум го формирал Културно уметничкото друштво „Бисери“, а Методија останал во „Ѓердан“ и е до ден денес претседател на друштвото. Ветераните се сите со свои обврски, возрасни луѓе и ретко доаѓаат на пробите со младите. Но, секогаш кога ќе се сретнеме, се интересираат и прашуваат како се одвиваат работите во друштвото. Ветераните обично играат на нашите јубилеи. Конкретно кога имавме јубилеј 45 години од постоење на друштвото, на концертот настапуваа дел од ветераните. Беше многу интересно и убаво да се гледа, како луѓе на 65, или 70 години го играа „Тешкото“ и тоа го играа мошне успешно. Се надевам дека наредната година ќе бидат сите повикани, фала Богу, сите се живи и здрави, па да го повториме тој настан, ќе биде мошне убаво. Наредната години нѝ е јубилеј, па се подготвуваме уште од сега. Во подготовка е Монографија, која ќе се издаде во чест на друштвото. Имаме богата архива на слики, материјали, податоци.

kudgerdan6

Супер радио: Лично Вам, како кореограф и како уметнички директор, што Ви причинува најголема сатисфакција во работата со членовите на друштвото?

Тренеска: Мене професијата ми е нешто друго, работам во болница, во лабораторија. Денот го поминувам многу активно. Пред сè, работата во болница е многу голема одговорност, затоа што се работи со луѓе, хуман материјал, концентрацијата треба да е на највисоко ниво и голем е капацитетот на работа. Во „Ѓердан“ и во фолклорот можам да кажам дека се пронајдов себеси. Покрај тоа што сум во фолклорот од својата 12 година, направив голема пауза. Откако се вратив во друштвото, оттогаш не престанав. Уживам во работата со деца и мислам дека тоа е она што сум го посакувала. Многумина ќе речат дека, она што нѝ е хоби, ако го претвориме во работа, ќе бидеме многу среќни. Но, тоа е многу тешко, затоа што е невозможно да се преживее само од фолклорот. А, за фолклорот треба да се има многу љубов и трпение. Моето мото е „чекор по чекор“. Тоа им го кажувам и на децата, затоа што нема успех доколку нешто се прескокнува. Треба сѐ да биде со трпение, со љубов и чекор по чекор, инаку нема успех. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Куд Ѓердан

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука