март 15, 2020

Охрид, 15. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вчерашниот сончев ден, бројни гости од земјата, и покрај препораките да не се прави тоа, го искористија за прошетка во Охрид.

Опасноста од ваквото неодговорно однесување е повеќе од јасна, но со последните мерки за понатамошно спречување на ширење на коронавирусот, охриѓани како како да ја согледаа сериозноста на состојбата.

Улиците во градот денес се скоро празни, а граѓаните кои во најголем дел носат заштитни маски излегуваат само за да набават неопходни намирници за домовите.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера објави дека се затвораат сите гранични копнени премини во Република Македонија, освен „Табановце“, „Деве Баир“, „Ќафасан“ и „Блаце“, кои ќе бидат отворени за премин на патници и возила.

Од ноќеска на полноќ започна периодот од 48 часа, кога ќе биде затворен и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Забранет е влез на странски државјани и од земјите со среден ризик, освен оние од земјите со висок ризик според листата на СЗО.

Македонската Влада донесе одлука да се затворат сите продавници во моловите, освен супермаркетите, продавниците за храна и аптеките.

– Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници. Сите угостителски објекти кои подготвуваат храна и продаваат храна може да работат, но без посетители, и да остваруваат продажба на алтернативен начин, односно да вршат продажба онлајн и достава надвор од угостителскиот објект (на врата на објектот), истакна министерот Филипче.

Тој посочи дека со седење дома се помага да се зачува јавното здравје и да се стави рампа на патот на ширење на овој вирус.

– Ние сме во фаза каде што не знаеме што можеме да очекуваме, добро е што имаме едно место на локална трансмисија. Многу земји во регионот очекуваат пикот да го имаат на крајот на март или на почеток април, рече Филипче и додаде дека сите капацитети се подготвени.

Министерот Филипче истакна дека респираторните машини во моментов не се проблем и дека има доволно. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука