Унгарска манекенка тврди дека едвај куртулила од трговци со луѓе во Охрид, МВР вели: пријавата е неоснована

Скопје/Охирд, 19. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Унгарската манекенка Викторија Јазмин раскажува како пред околу еден месец во Охрид преживеала голема траума од Македонец, кој ѝ се претставил како бизнисмен, но се обидел сексуално да ја нападне и да ја киднапира, објави ТВ Сител

21-годишната девојка, која лани била прогласена за Мис на Унгарија, договарала фотосесија со Македонецот, кој ѝ се претставувал како бизнисмен. Јазмин вели дека тој на почетокот бил фин, но по неколку дена почнал да се однесува чудно и таа се посомневала во неговите намери.

– Прво ми беше чудно тоа што тој ме чекаше на аеродромот со неговиот возач. Подоцна, уште почудно – тоа што постојано имаше некој покрај мене, никогаш не бев сама, постојано некој ме следеше, ме надгледуваше, вели Јазмин за унгарските медиуми.

– По пристигнувањето, персоналот на хотелот ми го зеде пасошот, а потоа ништо не се случуваше со денови, каде и да одев некој беше со мене, ме чуваше. По некое време, мојот клиент почна да ме турка. Сакаше да ме прегрне, ме замоли да му дадам бакнеж, ми пријде малку насилно, но јас одбив. Тој само еднаш се сврте кон мене и ми рече: „Ако те убијам токму овде и те фрлам во езерото, никој нема да знае каде си дваесет години“. Се исплашив, но не го покажав тоа, туку испив две чаши вино. Потоа ништо не се сеќавам од вечерта, веројатно имаше нешто во пијалокот, паднав во несвесна состојба, вели девојката.

Таа додава дека не знае дали нешто ѝ направиле додека била во бессознание. Следниот ден, Викторија побарала помош од нејзиниот татко, а додека го чекала да дојде од Унгарија, успеала да се сокрие и две ноќи спиела во шатор.

– Тоа беше пеколен ден. Се плашев дека ќе ме најдат. Воопшто не спиев, се плашев да ги затворам очите. И сега имам кошмари, бидејќи експертите потоа рекоа дека добро сум поминала без да ме продадат мене или моите органи, вели манекенката.

Откако безбедно пристигнала дома, манекенката започнала да добива заканувачки пораки од „бизнисменот“, кој ја уценувал дека поседува интимни фотографии од неа, обидувајќи се да ја принуди да се врати.

– Животот целосно ми се смени. Не се осмелувам никаде да одам сама. Кога ќе видам некој што личи на него, срцето скоро ми запира, многу се плашам. За секое излегување им кажувам на двајца луѓе, дури и кога одам во продавница, вели Викторија за унгарските медиуми.

Случајот веќе неколку дена е топ тема во медиумите во Унгарија. Според извештаите, Интерпол веќе ја истражува балканската криминална банда, чии жртви биле група манекенки, а една од нив случајот го пријавила и во Франција.

Од македонското МВР, пак, на прашањето на Сител одговориле дека се направени основни проверки, според кои „не е утврдена основаност на пријавата“. Оттаму најавија дека ќе се прават и дополнителни проверки и дека за нив ќе биде известена јавноста. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

scroll to top