мај 11, 2024

Подгорица, 11. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утре се слави Денот на Свети Василиј Острошки, денот кога верниците пристапуваат кон манастирот на Светецот со чисто срце, со надеж и верба во неговата сила.

Манастирот Острог, посветен на Свети Василиј Острошки е еден од најпознатите и најпосетуваните на Балканот. Во манастирот луѓето се молат за здравје, за нивните најблиски и семејството, а го посетуваат и припадници на други религии.

Самиот манастир е во карпа, па патот до него е како мал аџилак. Многу верници боси се качуваат по камените скалила низ шумата во знак на почит кон светителот, а кога ќе пристигнат, од манастирот се гледа прекрасниот простор на спојување на ридовите и небото, а самиот поглед дава неверојатно чувство.

Утре се слави Свети Василиј Острошки, денот кога православната црква и верниците го прославуваат Свети Василиј Острошки, големиот чудотворец чии чудотворни дела се познати насекаде.

Едно од главните правила при посетата на светилиштето е секој верник да пристапи со чисто срце во молитвата, со надеж и верба во силата на Свети Василиј Острошки.

При влегувањето во манастирот е истакнат кодексoт на облекување – жените треба да носат здолништа и марами, а мажите да носат панталони и кошули со долги ракави. Некои од посетителите носат и подароци за монасите, тоа може да биде кафе, шеќер, масло и слично, а се оставаат и доброволни прилози. По поклонувањето пред моштите на Свети Василиј Острошки, верниците можат на хартија да ги запишат имињата за здравје и за покојните, кои монасите ги читаат во своите молитви.

Според легендата, свети Василиј секоја вечер го посетува манастирот, па наутро монасите наоѓаат црни траги на чорапите на светителот. Затоа верниците кои често одат по Острошкиот пат, покрај масло и вино, на светителот му носат и плетени волнени чорапи. Верниците носат и работи на блиски луѓе кои не можат да го посетат светилиштето, ги оставаат да преноќат покрај ковчегот, а потоа ги носат кај најблиските.

Постои едно старо правило кое се почитува меѓу народот, кое вели дека од манастирот Острог не смеете да земете ништо, ниту камен ниту цвет. Верниците можат да земат осветена вода и масло од кандилата во манастирската продавница.

Во манастирот има конак и во долниот и во горниот манастир, но честопати сите места се зафатени. Токму затоа голем број верници спијат надвор пред манастирот и за сите се обезбедени ќебиња. Искуството на многу верници покажува дека спиењето под отворено небо на Острог е навистина посебно. Исто така, постои верување дека не треба да велите дека ќе го посетите манастирот, а потоа да не одите, туку да се оди во светилиштето ненадејно и без голем план, односно како што се верува – „кога ќе те повика Свети Василиј“.

Луѓето често прашуваат „кој не смее да влезе во манастирот Острог“, но доколку ги почитувате правилата на однесување на манастирот и пристапите со чисто срце, сите се добредојдени. Доколку имате дополнителни дилеми и духовни прашања за патувањето во манастирот, разговарајте со вашиот свештеник кој ќе ви ги даде потребните одговори. Познато е дека во Острошкиот манастир се случуваат чуда и исцеленија според сведоштвата на верниците, а монасите ги запишуваат и чуваат овие искуства.

За Светецот:

Родум од Попово Село во Херцеговина, од родители прости но благочестиви. Од малечок беше исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога порасна отиде во требињскиот манастир Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин. Набрзо се прочу со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагаше подвиг врз подвиг, сè потежок и потежок. Подоцна го посветија за епископ Захумски и скендериски, против неговата волја. Како архијереј, прво живееше во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдуваше своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство. Кога непријателите многу го притеснија, а Турците го разорија Тврдош, се пресели во Острог, каде што строго се подвизуваше, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви. Се упокои мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останаа цели и исцелителни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на свети Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести. Секоја година на Педесетница во Острог се случува голем народен собир.

Многумина веруваат дека ако се заречат дека на овој ден ќе одат на Духовден во манастирот Острог, нивната болест или болеста на некој нивен близок ќе исчезне „како однесена со вода“. Ако одлучите да побарате помош од овој светец од утре мора да почнете со строг пост, кој ќе трае се додека на Духовден не одите на Острог и таму се причестите.

Доколку познавате личност која се подготвува за вакво патување, треба да и’ однесете масло, темјан и памук да ги понесе со себе и да ги остави таму да преноќат.

Често се случува ова да го прават и муслиманите и католиците, бидејќи на овие простори сите се уверени во големата чудотворна моќ на Свети Василиј, па се верува дека таму преноќат маслото, памукот и темјанот, се лечат сите болести. (Крај)

извор: Република фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука