април 27, 2018

Охрид, 27. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Група од 25 ученици од Oпштинското средно училиште „Св. Климент Охридски“, под менторство на професорките Вера Јовческа и Даниела Спироска, ја посетија Холандија во склоп на културната размена со училиште во градот Апелдорн.

Со оваа посета се заокружи проектот за размена на ученици со училиштето КСГ од Апелдорн, чија група го посети нашето училиште минатата година.

Посетата на Холандија беше од едукативно-забавен карактер, учениците имаа можност да посетат многу музеи, историски градби и значајни градови, како и подобро да се запознаат со животот во Холандија, преку престој во семејства. За време на посетата на холандскиот музеј на отворено, учениците видоа градби од различни временски периоди и се запознаа со професии кои биле актуелни во минатото. Учениците исто така имаа можност да го посетат мостот „Џон Фрост“ , кој е познат по настан од Втората светска војна, за кој е снимен филм.

Holandija-2-1024x768

Еден ден од посетата беше резервиран за посета на Амстердам, каде што беше организирана тура со брод низ познатите канали, како и тура низ градот и најважните знаменитости, меѓу кои и музејот Ријкс.

Ваквите размени се добри затоа што за многу краток временски период учениците имаат можност да посетат многу нови места и да ги прошират своите знаења од историја, географија, уметност, странски јазици, да се запознаат со обичаите, начинот на живот на други народи, како и знаменитостите, законите и образовниот систем на државата која ја посетуваат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука