март 5, 2015

Струга, 5. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Денес Вевчани и училиштето „Страшо Пинџур“ одбележуваат два празника, патронат и 180 години образование во Вевчани.

Основното училиште „Страшо Пинџур“ од Вевчани е едно од првите основни училишта во Македонија на мајчин јазик. Неговото институционално раѓање во 1835 година доаѓа како резултат на вековниот стремеж на Вевчанци постојано да бидат во чекор со прогресот, а своето културно издигнување да го темелат на науката и знаењето.

Од далечната 1835 година се зачетоците на училиштето, откако година пред тоа скадарскиот везир Афас дал одобрение за црква и за отворање на училиште во Вевчани. Тогаш биле и првите форми на настава на дечињата собрани околу својот прв учител вевчанецот Јован Киров во ајатите на „Долна црква“ Св. Богородица, а потоа и околу други учители кои разговарале и ги подучувале своите ученици на народен мајчин јазик, ама ги учеле да пишуваат со грчка азбука.

Со отворањето на училиште и како што се менувало владењето над Македонија, така се менувале и туѓите политички и асимилаторски пропаганди, грчки, српски или бугарски, но Вевчани успевало да издржи и да се спротивстави на виорите на тие ненародни режими и туѓи асимилаторски влијанија.

strasopindzurskolo2

Веќе во 1868 година, Вевчанци си изградиле училиште во дворот на „ Горна црква“, црквата Св. Никола и децата од ајатите учат во новото училиште.

Училиштето во Вевчани се викало „Св. Пас“, а за да ги привлечат женските деца да го посетуваат училиштето во учебната 1890/91 година отворено е женско училиште со име „Надежда“ кое работело до учебната 1898/99 година. Спроти Илинденското востание, во учебната 1902/03 година, направен е прв чекор за гимназиско образование , ама се запишале само 4 ученици.

Во слободна Македонија во 1945 година, почнува со работа Вевчанското училиште, како сеумгодишно основно училиште со денешното име на ваташкиот херој и револуционер Страшо Пинџур, ама пак во црковното училиште но и во приватни куќи, поради демолираноста на училишниот објект.

Денес училиштето има нов училишен објект, а наскоро се очекува и спортска сала. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука