март 2, 2020

Скопје, 2. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на изминатото деноноќие нема новопријавени пациенти со индиции за корона вирус.

Единствената пациентка кај која беше потврден корона вирус е добро, е на Клиниката за инфективни болести и веќе трет дена нема температура, што значи дека состојбата се стабилизира и таа закрепнува. Карантинот, односно изолацијата се одвива добро и без проблеми. Нема проблеми во делот на полициски надзор.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека епидемиолозите се во редовен контакт со луѓето кои се во домашна изолација. Тој соопшти дека викендов во земјава пристигнаа над 10 автобуси на ГП „Табановце“, а во петокот и два авиона во Скопје и во Охрид. Сите патници се испрашани според утврдениот протокол и нема податок оти некој е заболен или бил во контакт со некој болен во ризичните региони во Северна Италија.

– Од СЗО вчера добивме известување дека двајца македонски лекари биле на конгрес во Мадрид, а кај еден од предавачите било потврдено дека бил заболен од корона вирус. Двајцата македонски лекари се вратиле во земјава во саботата, вчера биле дома и освен со домашните немале контакт со други лица. Тие денеска ќе бидат тестирани на Инфективната клиника и ќе им биде одреден здравствен надзор, во домашни услови, во траење од две недели, рече Филипче.

Тој информира дека се при крај контролите на аптеките во врска со наводите за зголемени цени на средствата за заштита. Според досегашаните согледувања нема зголемување на цените, но целосната состојба ќе биде позната по завршување на контролите, посочи министерот за здравство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука