март 15, 2020

Скопје, 15. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Се работи на седум нови примероци кои се испитуваат. Меѓу нив е едно лице кое се наоѓа во Охрид, истакна на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче за последната состојба со Корона вирусот во Република Македонија.

Тој истакна дека станува збор за родилка од Дебар, која била донесена во болницата во Охрид во текот на вчерашниот ден. Овој пациент е во стабилна состојба и се наоѓа во одделот за изолација. Втората родилка е пренесена во Скопје и нејзината состојба исто така е стабилна.

– Сите 13 пациенти кои се сместени на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба, идентична на онаа од вчерашниот ден. Само една пациентка од Дебар е на респираторна машина, со значајно подобрување на параметрите, но со се’ уште непредвидлива дијагноза. Сите други пациенти се со лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15-годишниот пациент и се сместени во одделот за изолација. Се работи на седум нови примероци кои се испитуваат. Меѓу нив е едно лице од Охрид, а има и лица од Дебар, Штип, Куманово, Тетово, Кичево. Станува збор за лица кои пристигнале од Германија, Швајцарија и Австрија, а после неколку дена развиле висока температура. Во текот на денот ќе се готови резултатите. Во државата има околу 120 машини, од кои околу 90 во Скопје. На денешниот состанок со директорите на клиниките одлучено е целиот медицински персонал во јавните и приватните болници да се мобилизирани и да се стават н располагање и да работат во здравствените установи каде тоа ќе биде потребно. Клиниките нема да ги одржуваат редовните утрински координации и ќе се координираат телефонски. Ќе се третираат само итните случаи и оние кај кои нема простор за одложување, напомена министерот Филипче.

Мерките за справување со Корона вирусот предвидуваат и затворање на сите гранични копнени премини во Република Македонија, освен „Табановце“, „Деве Баир“, „Ќафасан“ и „Блаце“, кои ќе бидат отворени за премин на патници и возила. Од ноќеска на полноќ започна периодот од 48 часа, кога ќе биде затворен и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Забранет е влез на странски државјани и од земјите со среден ризик, освен оние од земјите со висок ризик според листата на СЗО. Македонската Влада донесе одлука да се затворат сите продавници во моловите, освен супермаркетите, продавниците за храна и аптеките. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

** Во првично објавената вест беше направена ненамерна грешка дека во Охрид е регистриран случај на заболено лице. Грешката е веднаш исправена, а како редакцијасе извинуваме за сите непријатности кои се произлезени од оваа објава!

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука