Франција и Норвешка во финалето на СП за ракометарки

Лајпциг, 16. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ракометарките на Франција се изборија за настап во финалето на Светското првенство што се одржува во Германија.

Французинките во вториот полуфинален меч на Мундијалот, одигран синоќа во Хамбург ја совладаа селекцијата на Шведска со 24-22 полувреме 11-12 за Швеѓанките.

„Триколорките“ до големото финале ги предводеа вардаровите ракометарки, Амандин Лејно која имаше 14 одбрани и беше прогласена за играч на мечот, како и Александра Лакрабер која со пет гола беше најефикасна во победничката репрезентација.

Французинките ќе имаат тешка задача во финалето бидејќи против себе ќе ги имаат актуелниот светски и европски првак Норвешка, селекција која во првото полуфинале убедливо ја совлада Холандија со 23-32.

Финалниот меч на женскиот ракометен Мундијал меѓу Норвешка и Франција ќе се игра утре во терминот од 17 часот и 30 минути.Претходно од 14:30 часот во борба за бронзата ќе играат Холандија и Шведска. (Крај)

извор: Сител фото: архива

scroll to top