април 16, 2018

Подгорица, 16. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Кандидатот на Демократската социјалистичка партија, Мило Ѓукановиќ, прогласи победа на претседателските избори во Црна Гора.

Тој наведе дека изборниот резултат е потврда за решителноста на Црна Гора да продолжи по патот на европски квалитет на живот и членство во Европската Унија.

Во победничкиот говор, Ѓукановиќ вети дека нема да ги изневери очекувањата на граѓаните.

– Ова е прилика да им заблагодарам на граѓаните кои дадоа подддршка за мојата кандидатура. Го почитувам ентузијазмот на оние кои ја поддржуваат оваа политика, истакна Ѓукановиќ.

Тој им заблагодари и на коалиционите партнери, кои, како што рече, покажале приврзаност кон неговата партија, со тоа упатувајќи порака дека се непобедлива коалиција.

Според 100 проценти обработените податоци, Ѓукановиќ има 53,8 проценти поддршка од граѓаните, а неговиот противкандидат Младен Бојаниќ заврши со 33,5 проценти од гласовите. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука