мај 22, 2017

Охрид, 22. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Зад името на охридскиот музичар Јовица Каралиевски стојат многу награди на домашни и странски фестивали, најголем дел од нив за најдобар аранжман. Од неодамна во неговата биографија стои уште едно ново и за него веројатно значајно „судиско” искуство.

Беше дел од жири комисијата на првото талент шоу Ohrid SUPERSTAR. За новите искуства и за тоа какво е да се биде дел жири комсијата прочитајте повеќе во интервју за Супер радио и OhridPress.

karalievski

Супер радио: Беше ли предизвик да се прифати задачата и што беше клучно да се вклучиш во еден ваков проект?

Каралиевски: Учеството како дел од жирито на Ohrid SUPERSTAR беше за мене вистински предизвик и едно ново искуство кое секако со задоволство го прифатив иако уште во истиот момент знаев дека таа задача воопшто нема да биде лесна од повеќе причини, бидејќи станува збор за натпреварувачи во најголем број деца и тинејџери кои се кревки во нивните чувства, а нашата задача беше да ги одбереме најдобрите. Првата причина за да се вклучам во шоуто беше тоа што секогаш сум позитивно расположен кон идеи и проекти што внесуваат движење во нашиот град, особено на полето на културните манифестации и верувам дека само така со заеднички придонес треба да делуваме во повеќе области, веројатно заради оваа причина бев и одбран да бидам дел од оваа манифестација, а втората и клучна причина што се вклучив без двоумење беа и долгогодишните релации на соработка со организаторскиот тим на чело со Сашо Митан.

Супер радио: Колку си задоволен од крајниот производ и што мислиш треба ли да продолжи оваа приказна и следната година Ohrid SUPERSTAR да го доживее второто издание?

Каралиевски: Ова е тешко прашање за мене како продуцент, бидејќи мислам дека повеќето од нашата професија ја имаат таа „мана“ никогаш да не се задоволни од својот продукт, односно мислиме дека секогаш може подобро и се стремиме кон тоа. Можеби да не постоеа временските рокови многу проекти не ќе беа завршени сеуште од желба да се допринесе уште повеќе. Во секој случај мислам дека успеавме да го реализираме на едно професионално ниво кое што догодина сакам да го подигнеме заеднички уште за неколку левели погоре и после тоа издание Ohrid SUPERSTAR да биде препознатлива етикета на албумите на изведувачите кои ќе градат вистински музички кариери.

karalievski2

Супер раидо: Која беше најпријатната, а која најнепријатната работа што ја доживеа за време на снимањето на шоуто?

Каралиевски: Не можам да издвојам така буквално и изрично, ама ќе се обидам да го опишам снимањето на шоуто како едно убаво доживување, дружење со тимот на Супер Радио, О2 Телевизија, кандидатите преку менторствата, водителското дуо, нормално најмногу со членовите на жирито и сите останати членови на екипата. Имаше многу пријатни моменти и изненадувања од кои повеќето после години ќе ги спомнуваме како градски анегдоти, а како непријатни моменти единствено ќе ги запаметам оние кога некој мораше и да испадне и покрај тоа што испаѓањето е дел од концептот на ваквите шоуа.

karalievski4Супер радио: Публиката те запамети како првиот кој му направи сефте на црвениот тастер, кој значи НЕ за понатамошен пласман. Со оглед на тоа што ние сме мала средина, тешко ли беше понекогаш да се рече НЕ?

Каралиевски: Да. Искрено беше тешко да се рече НЕ на тие млади таленти, тргнувајќи од мислата дека некому си му го урнал сонот во кој верувал и можеби поради тоа ќе те памети долги години, но објективноста беше на прво место и од нас како жири тоа првенствено се бараше.

karalievski3

Супер радио: Кандидатите научија многу од твоите менторски совети, забелешките после настапот и оние нејобемните „лекции“ кои паѓаа за време на пробите во твоето студио. Што е она што Јовица го научи од шоуто?

Каралиевски: Да, вистина се трудев со најдругарски пристап на кандидатите да им укажам на работи кои низ годините сум ги научил и да им пренесам некое знаење, а попатно и јас од поискусните во екипата поднаучив нешто ново и искрено позитивно бев изненаден од принципите кои беа поставени на почетокот и нивно почитување до крај на целата манифестација.

Супер радио: Да се биде „судија“ не значи дека баш секогаш прецизно и под конец можеш да пресечеш. Гледано ретроспективно сметаш ли дека некаде погреши?

Каралиевски: Ако речам дека не сум погрешил, ќе погрешам. Во глобала моето искуство во студиско снимање вокали беше „судијата“ и знам дека имаше уште неколку „дечки“ што ќе влезеа во финале ако правилата дозволуваа, но едноставно „автобусот толку собираше“. Сигурен сум дека изборот што го направивме соодејствуваше со нивните настапи.

Супер радио: Наградата која значеше песна со твојот потпис и спот со потписот на Борче Димоски ја доби Андреа Јованоска. Се крчка ли песната и кога да ја очекуваме?

karalievski1Каралиевски: Песната се издинста на тивок оган, сега е во реална хахаххаа. Да, ја напишав песната, сега моментално работам на аранжманот и најскоро ќе влезиме во студио да го снимаме вокалот со Андреа, а потоа следува снимање на видеото и настап на „Охрид Фест“ 2017. Аудиото планирам да е готово најкасно на почеток на јуни.

Супер радио: За крај, на што си посветен во моментов и кој е твојот следен предизвик?

Каралиевски: Неодамна заврши снимањето на песните за фестивалот „Радика Фест“ 2017 – Дебар и „Распеано Рибарче“ 2017 – Охрид, а во периодов што доаѓа работам на песни што ќе се изведат на „Охрид Фест“ 2017 и детскиот фестивал „Чунга Лунга“ 2017. Па после малку летен одмор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука