Скопје/Охрид, 31. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод претстојните новогодишни и божиќни празници, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да се воздржат од каква било употреба на петарди и други пиротехнички средства, како и огнено оружје при прославувањето на празниците, не само заради предвидените законски санкции, туку и заради опасностите што по безбедноста, здравјето и животот на граѓаните ги носи употребата на овие средства.
Препродавањето и употребата на пиротехничките средства, како и употребата на огненото оружје нема да биде толерирано и најстрого ќе биде казнето, велат од МВР.
Во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 е предвидено дека кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
Исто така во Кривичниот законик според член 396 кој се однесува токму на недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи децидно стои дека неовластеното изработување, држење и продавање, набавка или вршење размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. Доколку се работи за поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години. Ако пак горенаведените дела се сторени во група, банда или друго злосторничко здружение, сторителот ќе се казни со затвор најмалку осум години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива