14 професори од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ поминаа обука за напредни технологии во автомобилскиот сектор

Охрид, 16. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – 14 професори од ОЕМУЦ Св. Наум Охридски успешно ја поминаа обуката за напредни технологии во автомобилскиот сектор, во рамки на заеднички проект со компанијата „Костал“ и Швајцарската агенција за образование и вработување во Македонија.

Континуираното инвестирање во професионален развој на наставниците е нужност која утре ќе се рефлектира врз резултатите што ги постигнуваат учениците. Ваквите настани да не ги славиме како позитивен исклучок, туку тие да станат секојдневие, порача Ивана Ѓорѓиеска, експерт од Швајцарската агенција за образование и вработување во Македонија.

– Кога говориме за квалитет во стручно образование суштински момент е учеството на приватниот сектор. Не може да се очекува дека училиштата сами е може да продуцираат квалитетни кадри, туку тоа се прави во заедништво со приватниот сектор и во различни форми и начини. Се надеваме дека ќе се омасоват ваквите партнерства и општната ќе координира сé повеќе ова да живее, овој начин на фунционирање да стане норма, потенцира Ѓорѓиеска.

Нема достапен опис

Проектот е рефлексија на потребата на „Костал“ за систематско подобрување и доусовршување на младиот кадар кој произлегува од средното училиште во Охрид со паралелна обука на наставнот кадар, истакна генералниот директор на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.

– Општествената одговорност кон локалната заедница не се покажува со говори, написи во медиуми, јавни обраќања или дебати, за тоа сведочат конкретните дела со бројки и мерливи резултати што влијаат на подобрување на екосистемот во одреден регион и на долг рок. Проектот се реализираше од април до декември 2021 година, вкупната вредност е околу 25.000 евра и вклучуваше 1.800 часови предавања, најчесто онлајн, но и практични. Учествуваа 14 професори од техничката струка и 32 ученици од завршните години во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. На овој начин ќе воспостваиме уште многу заеднички проекти во иднина за подобрување на образовниот систем и за вештините на младите луѓе во Охрид и регионот. Очекувам интензивирање на уште вакви иницијативи во државата, потенцира Мизо.

Нема достапен опис

Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, упати повик и до останатите компании за поголем ангажман, да го следат прмерот на „Костал“, приватниот сектор да биде повеќе отворен за прием на ученици за практична обука во компаниите.

– Верувам дека преку вакви проекти што претставуваат основа за силен економски развој, преку сорабтка меѓу локалните компании и средните стручни училишта може да ги подготвиме нашите млади за нивна идна професија, но во согласност со потребите на компаниите. Еден од позначајните сегменти е практичната обука на учениците во компаниите, каде се подготвуваат за реалниот свет. Наставниците своите знаење и искуства ќе ги пренесат на учениците, рече градоначалникот Пецаков.

Нема достапен опис

Во 2018 година ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид потпиша меморандум за соработка со „Костал“ со што започна соработка на повеќе полиња. Реализацијата на проектот за дуално образаование е еден од правите заеднички проекти. Со новите наставни планови и програми прилагодени на потребите на компаниите од изучување на модуларно дизајнирани предмети потребно е да се вклучат методски единици што се применуваат во самите компании. За таа цел во април 2021 година почна со реализација проектот „Обука за напредни технологии во автомобилскиот сектор“, истакна директорот на училиштето Сашо Недески.

– Овој концепт на учење ги унапредува практичните занаења и вештини на учениците кои по завршување на школувањето ќе можат веднаш да ги применат во производниот процес за кој се обучени, што е крајна цел на воспитно- образовниот процес. Минатат учебна година за поддршка на онлајн наставата „Костал“ донираше преносни компјутери за учениците кои реализираа практична настава во компанијата, а во рамки на овој проект донирана е рачна дупчалка за потребите на кабинетот по машинство, рече Недески.

На презентацијата на проектот им беа доделени сертификати на 14-те професори од средното стручно училиште, кои беа дел од обуката. Проектот е поддржан од Општина Охрид, „Костал“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, а се реализира во рамки на швајцарскиот проект „Образование за вработување во Македонија“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

scroll to top