20 години Василичарски Карневал во Куратица

Охрид, 10. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридското село Куратица годинава се подготвува за прослава на 20 години постоење на Василичарскиот Карневал, кој полека прераснува во вистински бренд и препознатливост на ова село.

Василичарите и годинава ќе го запалат василичарскиот оган кој ќе гори до 13-ти јануари. Неколку илјади посетители секоја година до раните утрински часови се дел од овој карневал, кој датира од далечната 1575 година.

Програмата за Василичарскиот Карневал 2018 во Куратица започнува на 13-ти јануари во 17:00 часот со тргнување на василичарската поворка. Василичарите ќе ги посетат сите домаќинства.

Главната свеченост е на 14-ти јануари, со почеток во 19:00 часот за кога е предвидено завршното василичарско празнување со дефиле на маските. За музичкиот дел оваа година ќе бидат задолжени членовите на „Екстра Бенд“ од Скопје, а програмата ќе ја водат Игор Трпчески и Маја Бимбилоска. Според програмата, околу 22:30 часот ќе бидат прогласени најдобрите маски, а забавата ќе заврши со голем огномет. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

scroll to top