25 години Супер радио во ритам со Охрид

Охрид, 7. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Супер радио денес, 7-ми ноември го прославува 25-тиот роденден. Приказната започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Со неа растеше и се развиваше, со неа ги помина сите детски болести, со неа стигна до 25-тата година од постоењето.

Во моментов програмата се емитува преку најсовремена предавателна техника на фреквенција од 97.00 Mhz на FM скалата од предавателниот пункт кај „Гореничка Чука”, од која зрачат најголемиот дел од локалните и националните медиуми во регионот на Охрид и Струга. Големо внимание посветуваме и на информативниот дел од нашата програма. До слушателите испорачуваме кратки локални вести во 07:00, 10:00, 12:00, 14:00 и 15:15 часот. Вестите се 100 % од локален карактер и ги третираат само проблемите што ја засегаат заедницата. Вестите може да се проследат и информативните портали на станицата www.ohridpress.com.mk и www.inpress.com.mk.

superradio25godini2– Овој роденден го славиме цела година, затоа што е важен за нас и сакавме да му дадеме посебно значење. Го пречекуваме со комплетно дигитално студио, со новитети во програмата, нови лица, нови гласови и многу успешни проекти кои се зад нас и многу најави за уште поинтересни пред нас. Зас нас е Талент шоуто OhridSUPERSTAR, проектот Досие ОХРИД и многу други проекти, сите направени оваа година. Огромен дел од нашите активности се и промотивните акции кои ги правиме со најголемите локални и државни компании, а во кои имавме многу донации, многу вредни награди, внесовме многу ведрина и насмевки онаму каде што ги немаше или беа подзаборавени. Ветуваме многу интересни содржини, многу ќе се слушаме, многу и ќе се гледаме, потписот на Супер радио ќе го има на многу места. Ви благодариме за довербата што ни ја давате веќе полни 25 години, одиме понатаму, вели Јане Стефанов, главен и одговорен уредник на Супер радио.

Супер радио веќе подолг врeменски период е препознатливо во регионот и во маркетиншкиот и продукцискиот дел. Покрај сопствените авторски радио емисии, продукција на радио елементи, џинглови, авторски песни и продукција, започнавме и со креирање на видео материјали и видео проекти. Оние кои најсилно одекнаа во јавноста се секако Талент шоуто OhridSUPERSTAR, проектот Досие ОХРИД, потоа Охрид во 10, сите направени оваа година, која е славеничка за нас и во која го славиме роденденот 365 дена.

– Ако се гледа од перспектива на град како Охрид, нашиот јубилеј е само една капка во неговата големина. Сепак, тој момент кој трае веќе полни 25 години за нас е исклучително важен. Важен е како потврда дека трудот на оние стотина луѓе кои поминале низ радиото не е залуден, дека ние, кои сега ги пишуваме страниците сме ги продолжиле и надградиле нивните напори. Супер радио за мене се овие 20-тина млади луѓе кои се сега во радиото, со кои се разбираме со неколку збора или половина поглед. Тие се она вистинското Супер радио и јас им ја оддавам комплетната заслуга. Супер радио никогаш нема да е доволно СУПЕР без Јане, Тони, Жанко, Александра, Реџо, Даниела, Даниел, Јуксел, Ванчо, Радмила и сите други кои се трудат магијата да не згасне, додава Сашо Митаноски, сопственик на радиото.

Супер радио денес е препознатливо, пред се`, по модерниот радио израз, актуелната музика, вкусно избрана за постарата и помладата популација слушатели, но и по информативните содржини, што го прават еден од најцитираните медиуми во Западна Македонија. Според сите анкети на Советот за радиодифузија на РМ (сега АВМУ), Супер радио веќе петта година е убедливо најдобрата, најслушаната и највлијателната локална радио станица во Република Македонија. Во моментов испорачуваме сопствена програма која ја создава врвна екипа од презентери, Дј-и, новинари, спикери и надворешни соработници кои остваруваат 24 часовна програма која е прилагодена кон идеалната публика и се остварува на најсовремена опрема што резултира со одличен, лесно препознатлив и моќен сигнал кој допира до слушателите.

За роденденот беше изработена и маркетинг кампања и посебен документарен филм за развојот на радио станицата со помош на Борче Димоски, кој ќе се емитува на програмата на регионалната О телевизија, вечерва со почеток во 20:40 часот. На Супер радио денес ќе имаме посебна програма со многу гости и изненадувања. Вечерва од 17:00 до 18:00 часот на Супер радио ќе се емитува посебна емисија за историјатот на радиото, а доајенот на радиото во Македонија Драган Б. Костиќ изготви специјано издание на неговата емисија „Кавервил“ посветено на Супер радио.
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

scroll to top