декември 13, 2019

Охрид, 13. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Долгогодишниот труд, посветост и љубов кон професијата како наставник, едукатор, креатор на иновативни идеи и реализатор на повеќе проекти со меѓународна верификација, на Виолета Петковска, професор по одделенска настава во ОУ „Кочо Рацин“ годинава и го донесе високото признание, повелбата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“.

Професорката Петковска е добитник на голем број меѓународни и државни награди за проекти, автор на 20 стручни трудови и 70 едукативни филмови. Дел е од Асоцијацијата на најдобри наставници од поранешна Југославија и вели дека за неа светот е една отворена училница во која секој учител треба да вложува љубов и ентузијазам.

– Kако што напредував во професијата, сакав да експериментирам, да се надградувам, внесувајќи идеи преку свој креативен пристап, бидејќи постојат разлики во поглед на образованието денес и пред 20-на години. Наградите се одлична мотивација за образовниот кадар, рече Виолета Петковска, која беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Покрај за сатисфакцијата да се добие едно вакво високо признание за работата, со Петковска разговаравме и за самиот квалитет на образовните програми, што тие донесоа годините наназад, за причините за константно слабите резултати на македонските средношколци на ПИСА тестирањето. Повеќе во интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Какво е чувството да се добие едно вакво високо признание за работата во образованието?

Петковска: Радоста, среќата и гордоста се огромни. Многу и’ благодарам на Комисијата при општина Охрид, што ми ја додели наградата, која е резултат на мојата долгогодишна работа. Би сакала да изразам голема благодарност и за сите мои поранешни и сегашни ученици, соработници, родители, но и за моето семејство.

Супер радио: Наградата доаѓа како резултат на Вашата љубов, посветеност и креативност во образованието на најмладите. Колкав стаж имате во образованието и колку тоа се разликува од времето кога ги правевте почетоците во Вашата кариера?

Петковска: Имам 23 годишен стаж во образованието. Сум работела и во подрачни, селски училишта, но централни, во градот. Низ годините тоа биле различни, но сепак корисни искуства. Kако што напредував во професијата, сакав да експериментирам, да се надградувам, внесувајќи идеи преку свој креативен пристап, бидејќи постојат разлики во поглед на образованието денес и пред 20-на години. Наградите се одлична мотивација за образовниот кадар.

Супер радио: Очигледно е дека сте посветени и дека многу си ја сакате својата професија. Доказ за тоа се и други награди и признанија, меѓу нив и такви со меѓународен карактер.

Петковска: Ќе ги споменам само признанијата само од оваа учебна година, која за мене беше посебна. Избрана сум за еден од 100 најдобри наставници на глобално ниво, избор спроведен од Alert Knowledge Services од Индија. Голема чест и сатисфакција ми донесe признанието „Флипгрид амбасадор“, односно амбасадор на учениците. Член сум на Асоцијацијата на најдобри наставници од земјите од поранешна Југославија. Во мај, со постер презентација на тема иновација, учествував на образовна конференција во Будва, каде вмрежени преку нови образовни платформи презентиравме заеднички проект со наставничка од Канада, а нашиот проект беше избран за еден од 25-те финални проекти што таму се презентираа пред 500 наставници од регионот.

Супер радио: Низ годините сте биле вклучени во многу промени на програми во основното образование. Како овие промени влијаеја врз учениците? Дали овие промени го подобрија, од една страна квалитетот на основното образовение, но од друга страна условите за работа за образовниот кадар?

Петковска: Како и во секоја земја, така и кај нас, образовниот систем постојано трпи промени, во насока да се надргадува, усовршува, но и прилагодува на општествените потреби. Технологијата е толку навлезена во секојдневниот живот, што се разбира дека и образовението треба да се адаптира на ново настанатите околности. Но, што е најважно во тој процес? Бидејќи образованието се смета за столб на едно општество, тие промени треба да бидат реализирани преку квалитетни програми, кои ќе одговараат на возраста на учениците и ќе соодветсвуваат на глобалниот образовен систем. Се разбира, како и се друго и во програмите кои ние наставниците ги реализраме постојат предност и недостатоци, па како што минуваа годините, реформите се одвиваа многу тешко и за нас како наставници и за учениците. Мислам дека учениците денес имаат преголем број на часови, знаете концентрацијата на учениците не може да се задржи премногу ако се преоптоварени со голем број на неделни часови, а сметам и дека материјата која треба да ја совладаат е преобемна. Со препотоварување ефекти нема, креативноста и кај наставниците и децата, колку и да е присутна опаѓа на последните часови.

Супер радио: Работите со основци, кои понатаму се вклопуваат во средното образование. Макеоднските средношколци, во категориите писменост (читање, пишување, разбирање, критичност), математика и наука, меѓу 67 земји, годинава се 63-ти на листата. Ова им е трето тестирање од 2000-та година наваму, а резултатите секогаш не позиционираат на дното, многу под меѓунаодниот просек. Како го коментирате ова?

Петковска: Сметав дека повеќе фактори играат улога, на пример неквалитетните образовни реформи. Како што спомнав пред малку дел од причините лежат и во прептовареноста на учениците и со број на часови и со материја. Другите причини веројатно лежат и во самата подготовка на наставниците од страна на стучните органи, како на пример Министерството за образование, кое треба да не подготуваат нам наставниците за реализација на тестирања, какво што е ПИСА.

Супер радио: Охрид е мал град и често родителите им прават лоша услуга на своите деца, ги користат своите конекции за да „поправат“ некоја оцена. Сте имале вакви ситуации и како реагирате на нив?

Петковска: Искрено, јас лично не сум имала такво искуство, можеби затоа што предавам на пониските одделенија, но слушам дека се случуваат и такви работи кај колегите во погорните одделенија и колегите кои предаваат во средно.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука