декември 19, 2019

Охрид, 19. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот бербер Неат Алим- Шогун со хуман гест за охриѓани. Секоја недела од 10:00 до 13:00 часот во неговата берберница, лоцирана во Старата охридска чаршија, нуди бесплатно потстрижување за ранливите категории граѓани.

Тој преку Facebook статус ги повикува ранливите категории на граѓани на кои потшишувањето им е финансиски товар, да се шишаат кај него бесплатно.

Од каде потекна идејата за хуман гест, колку младите се заинтересирани за занает, но и за искуствата со странските гости и туристи денес во Радио Корнер на Супер радио разговаравме со охридскиот бербер Неат Алим.

https://youtu.be/ZaQbx9pzzwk

Супер радио: Во Вашата берберница „Шогун“ може бесплатно да се потстрижуваат социјално ранливите категории на граѓани. Како тоа ќе функционира?

Алим: Секоја недела во мојата берберница може да се шиша секој кој поради својот скормен буџет не е во можност да одвои средства за оваа намена. Не е потребно пријавување или закажување термин. Оние кои сакаат треба само да дојдат во мојата берберница во недела од 10:00 до 13:00 часот, каде јас и мојот практикант Емин Алим ќе излезиме во пресрет на ранливите категории граѓани. Оваа акција започна минатата недела, имаше интерес, а еве веќе и за следната недела имаме најави.

Супер радио: Како дојдовте до ваква хумана идеја?

Алим: Спонтано ми дојде идејата, јас и Емин одлучивме во наредниот период да одвоиме по три часа неделно за оваа категорија на луѓе бесплатно да може да се потстрижат, во пресрет и во духот на празниците кои претстојат.

Супер радио: Браво и за младиот Емин кој се вклучува во овој хуман гест, кој истовремено ќе биде и добра прилика за него да го усоврши занаетот.

Алим: Добра прилика за него да го усоврши занаетот. Важно е на младите да им се даде можност да го научат занаетот и многу се радувам што Емин се вклучи во овој хуман гест.

Супер радио: Компаниите денес потешко може да најдат работници. Вие сте бербер, занаетчија повеќе од четврт век. Колку денес младите се заинтересирани да учат занает, кокретно берберскиот?

Алим: Во минатото младите повеќе беа заинтересирани, повеќе ги учеа занетите. Кога се воведе задолжителното средно образование веќе се забележа намален интерес да се учи некој занает. Порано оние кои сакаа да продолжат со образование, по завршување на основно училиште продолжуваа во средно и натаму. Оние кои ќе одлучеа да не одат, продолжуваа на занает. Има потреба од занаетите, но нема кој да работи. Ковачкиот занает еве веќе е во изумирање, потоа копаничарството, самарџиството.

Супер радио: Охрид е туристички град каде во лето има огромна фрекфенција на странски гости. Имаат ли обичај странците да користат берберски услуги додека се одмараат во нашиот прекрасен град?

Алим: Странците многу често ги користат моите услуги и кога е летната сезона имам многу повеќе работа. Нив им е особено интересно па прават видеа и фотографии кои додека ги потстрижуваме, па ги објавуваат на социјалните мрежи. Во некои земји берберите не бричат, туку само потстрижуваат, па тоа им е особено интересно кај нас, кога ќе ги добијат двете услуги. Презадоволни се.

Супер радио: Пролетта се натпреварувавте на Фестивалот на фризура, мода и убавина Hair Fair 2019, кој се одржа во Скопје. Во категорија машко потстржување ја освоивте третата награда. Колку се значајни ваквите настани за Вас како занаетчии?

Алим: Ваквите настани како Hair fair се одлична можност да се дадат признија кои се голема мотивација во работата. На едно место да се сретнете и да работите со звучни имиња кои имаат оставено белег во фризерскиот занает, со европски и светски признанија е непроценливо искуство за секој кој се занимава со оваа работа.

Супер радио: Тое беше интернационален фестивал, од кои земји имаше натпреварувачи ?

Алим: Во мојата категорија, машко потрстружување учествуваа фризери и бербери од Турција, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Шведска. За изработка на фризурата имавме временско ограничување од 25 минути, а не оценуваше интернационално жири. Покрај што ја освоив третата награда, за мене беше огромна и чест и задоволство што лично се запознав со познатиот Џанкарло Миланезе од Италија, како и претседателот на Турската берберска и фризерска федерација Мустафа Џејлан.

Супер радио: Планирате следнава година некое натпреварување?

Алим: Секако дека и во иднина ќе ги посетувам ваквите настани кои се одржуваат. Благодарение на претседателот на македонската фризерска асоцијација Димче Иваноски вакви интернационални настани се одржуваат и во нашата земја. На едно место се собрани квалитетни бербери кои ги презентираат своите фризури и креации и има интернационално жири кое ја оценува нивната работа.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука