јануари 14, 2020

Берлин, 14. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Бројот на стари лица во Германија кои се сиромашни или на работ на сиромаштија се зголемува од година во година, така што, како што откриваат бројките за 2017 година објавени од германското Биро за статистика, речиси секој петти пензионер е под ризик од сиромаштија.

Поточно, околу 3,2 милиони стари лица во Германија се под границата на сиромаштија, што е за 215.000 повеќе од минатата година, а дури 803.000 повеќе од 2010 година.

За само седум години, бројот на пензионери кои се изложени на ризик од сиромаштија е зголемен за третина, а статистиката за 2018 и 2019 година се очекува да покаже дека овој негативен тренд само продолжува.

За германската статистика, сите што живеат во домаќинството кои имаат помалку од 60 проценти од просечната плата се изложени на ризик од сиромаштија, иако земени се предвид и некои други фактори. Но, во суштина, луѓето кои заработуваат помалку од 905 евра месечно, се сметаат за сиромашни во Германија.

Да бидат работите полоши, самиот пензиски систем е под голем притисок бидејќи населението расте, а тоа особено ќе се почувствува кога генерацијата на бејби бум целосно ќе замине во пензија, односно оние родени од крајот на Втората светска војна до 1964 година. Поради таа причина, веќе некое време се сметаше во Германија старосната граница за пензионирање од 65 години да се зголеми на 69 години.

Покрај тоа, по долги преговори, владејачките демократи и социјалдемократи се согласија да воведат основна пензија во 2021 година, најмалку 10 проценти повисока од таканареченото основно осигурување, што е законски минимум во Германија за опстанок. Основната пензија ќе ја добијат оние кои се пензионирале со најмалку 35 години работен стаж, а службите нема да мора да ја проверат нивната сиромаштија.

Целиот текст прочитајте го ТУКА. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука