јануари 21, 2020

Скопје/Охрид, 21. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Откако беше повлечен за дополнување, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид денес повторно е на дневен ред на пленарна седница во Собранието.

Поднесувачи на предлог законот се пратениците: Жаклина Лазаревска, Рубин Земон, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Арта Точи, Шпреса Хадри, Ѓулумсер Касапи, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ и Лилјана Поповска. Според дел од предлагачите целта е согласно Законот за високо образование универзитетот и градот Охрид, да се етаблира во мапата на квалитетни светски универзитетски центри, базиран на традициите на Охридскиот Светиклиментов Универзитет.

Од Студенскиот парламент преку допис и јавно искажаа дека се против измените и транформација на Универзитетот. Велат дека се налага тотална трансформација од Универзитет за компјутерски науки и инженерство во Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика, кој е сроден со науките кои се изучуваат на Факултетот за туризам.

По ваквите случувања, пратениците Жаклина Лазаревска и Рубин Земон се сретнаа со претставници на студентскиот парламент на Универзитетот, по што се псотигна согласност по одредени прашања. Па, така наместо по скратена, предлог законот оди по редовна постапка, а согласно Законот за високо образование, усогласувањето и терминологијата на постоечките акредитирани факултети ќе се направат напори истите да го задржат статусот на Универзитетот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука