јануари 24, 2020

Охрид, 24. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид евидентиран пораст во бројката на пациенти заболени од грип.

Споредено со лани во овој период, годинава двојно е поголем бројот на пациенти со грип. Со почетокот на второто полугодие во училиштата, се очекува грипот да земе замав.

– Од почетокот на годинава до денес имаме 75 пријави за грип од матичните лекари. Колку за споредба, лани во истиот период имавме 37 случаи. Овој период, почетокот на второто полугодие во училиштата, крај на јануари почеток на февруари се очекува грипот да земе замав и бројката да се зголеми. Затоа преземаме мерки за редовна дезинфекција во училиштата, изјави за Супер радио и OhridPress директорот на охридскиот Центар за јавно здравје, Сашо Точков.

Во таа насока Точков препорачува да се води грижа за личната хигиена, да се избегнува контакт со лица заболени од грип, како и подолго задржување во затворени простории во кои има поголем број на луѓе. Важно е да се одржува и хигиената на просториите во кои се престојува со соодветно загревање и проветрување. Секако, вакцинацијата е најдобрата и незаменлива превентивна мерка.

– Имунизација и натаму се врши, има уште малку дози вакцини. Доколку граѓаните не се вакцинирале досега, не е доцна тоа да го направат и сега. Цента на вакцината е 650 денари, вели Точков.

Грипот е сериозна болест која започнува наеднаш, со висока температура, главоболка, болки во зглобовите и мускулите, омалаксалост, а потоа со симптоми на дишните органи, кашлање, кивање, болка во грлото, „течење“ од носот. Грипот може да ги искомпликува постоечките болести кај хроничните болни, а можат да се појават компликации и кај други чувствителни лица и да дојде до загрозување на животот на болниот.

При појава на симптоми на болеста, потребно е да се остане дома, да се користат средства за ублажување на симптомите (лекови против температура и болка, за ублажување на кашлањето и „течење“ од носот, витамини, минерали и топли напитоци). Доколку за 2-3 дена не дојде до подобрување, потребно е да се јавите кај својот матичен лекар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука