јануари 27, 2020

Охрид, 27. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Верни на традицијата, со сечење на славската погача, пченица и молитва, членовите на Здружението на Србите „Коштана“ од Охрид го одбележаа големиот празник Свети Сава.

Станува збор за еден од најголемите празници кои го прославуваат Србите, каде и да се во светот.

– Голема е честа што на одбележувањето на празникот во Охрид, заедно со нас се и нашите соседи, пријатели Македонци, вели Стојмир Бараќ, член на здружението „Коштана“, кој повеќе од 50 години живее во Охрид заедно со неговото семејство.

– За одбележувањето на празникот Св. Сава многу се радуваме што на оваа свеченост покрај Срби има и наши соседи, пријатели Македонци. Еве мојата сопруга е Македонка така што со радост ги дочекуваме, а тие со големо задоволство доаѓаат, има такви кои се со нас секоја година. Српската заедница живее овде како и сите граѓани на Охрид, ни многу добро, ни многу лошо, се снаоѓаме во окружувањето, во ситуацијата каква што е. Секој се труди да живее да му биде подобро, тоа му е исконски дадено на човекот, да се бори за подобро. Се надевам дека овие ситуации кои се сега овде да се подобрат, потенцира Бараќ.

Според податоците од последниот попис во Охрид има околу 700 припадници на српската заедница, но сега бидејќи долго време не е направен попис, не се знае фактичката состојба.

Во Здружението на српската заедница во Охрид, „Коштана“ членуваат околу 250-300 членови. Целта на ова здружение е зачувување на идентитетот, културата и јазикот на Србите во Македонија и одбележување на значајни датуми од историјата на Србите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука