февруари 5, 2020

Охрид, 5. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни и забележителни успеси на учениците, ОУ „Григор Прличев“ ја прославува годишнината од смртта на ловороносецот Прличев.

– Ученичката Емилија Николовска веќе освои бројни наградите и постигна успеси со кои го промовираше училиштето, градот, но и татковината. Правејќи ретроспектива на нејзините постигања во толку многу области се јавува чуство на гордост не само кај наставниците туку и кај соучениците. Нејзините успеси започнаа уште во 2015 година кога го освои првото место на државниот натпревар по англиски јазик за во 2018 година да освои четврто место на Финалниот меѓународен натпревар по англиски јазик „English without Borders – Hippo 2018“ кој се одржа во Италија. Покрај успехот на натпреварите по англиски јазик таа го владее и германскиот јазик и во 2018 година го освои третото место на државниот натпревар по германски јазик. Емилија редовно ги освојува првите награди на натпреварите по физика и математика, а 2019 година ќе остане запаметена со нејзиното учество на Интернационалната Јуниорска олимпијада по природни науки која се одржа во Доха, Катар. Таа беше дел од националниот тим кој го сосвои бронзениот медал, а на таа олимпијада учествуваа натпреварувачи од 70 држави во светот, информираат од училиштето.

По освоената прва награда за најубава поетска творба „Тивко шумолат јаворите“ посветена на животот и делото на писателот Видое Подгорец во мај минатата година, пред ученичката Матеа Стоев, како што и самата ќе изјави започнува едно несекојдневно патување кое синоќа го прослави со промоција на својата прва стихозбирка „Мојата шарена стихувалка“, со што воедно ја отвори програмата за одбележување на патрониот празник на училиштето ОУ „Григор Прличев“ од Охрид.

На промоцијата поздравен збор имаше в.д. директорката Ивана Маховска Шикалеска која истакна дека да се има ваков ученик е вистинска чест и привилегија и дека училиштето е особено гордо што ја има честа промоцијата на ова поетско првенче на нивната ученичка да се одржи токму во просториите на училиштето во кое Матеа Стоев годинава го завршува основното образование.

Промотор на стихозбирката беше професор Мимоза Сталевска која пред присутните говореше за талентот, желбата и енергијата која Матеа ја имаше за да ја реализира својата замисла. Своја рецензија за делото има писателот Киро Донев кој во Матеа и нејзиниот неповторлив стил на пишување гледа една нова ѕвезда на македонското писателско небо. Автор на насловната страна и илустрациите од стихозбирката е канадскиот ликовен уметник Мајкл Клос кој со особено задоволство и восхитеност од талентот на Матеа Стоев делата ги наслика токму за нејзината стихозбирка „Мојата шарена стихувалка”. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука