февруари 6, 2020

Москва, 6. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Русија ја блокираше нацрт-резолуцијата во ОН за Либија одвивајќи го зборот „платеник“ во текстот, со што е малку веројатно дека Советот за безбедност ќе гласа до крајот на оваа недела.

– Неколку делови од резолуцијата се проблематични – изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, без да навлегува во детали, по седницата на СБ на ОН, итно побарана од Москва.

– Решивме да продолжиме со дискусиите со другите партнери во Советот за безбедност – додаде тој.

Русија претходно го прекина процесот на одобрување на текстот што ќе овозможеше гласање денеска или утре.

Според западни медиуми, Москва се обидува да го замени зборот „платеник“ во британскиот нацрт со – „странски терористички борци“ во член во кој се потенцираат „загриженоста“ на Советот за безбедност поради нивното „растечко присуство во Либија“.

Од дипломатски извори се дознава дека Велика Британија, во разговорите што траеле повеќе од две недели, имала тешкотии не само со Русија, туку и со САД.

Вашингтон бараше во текстот експлицитно да се споменат „руски платеници од приватната Вагнер груп“, но подоцна го ублажи барањето и се согласи само на „платеници“.

Со месеци Русија е обвинета за учество во организирање на пристигнување на илјадници платеници на приватната руска група „Вагнер“ во Либија, во борби за генералот Калифа Хафтар, кој се обидува да го заземе Триполи од април, но Москва негира каква било вмешаност. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука