февруари 12, 2020

Скопје/Охрид, 12. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Туристи од Бугарија и Грција се најчестите гости кои во декември 2019 година престојувале во нашата држава, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика.

По нив следуваат туристите од Србија, Турција, Албанија, Хрватска, а голем е бројот и на гости кои доаѓаат од азиските земји.

– Според податоците, бројот на туристите во декември 2019 година изнесува 61.468, а бројот на ноќевањата изнесува 119.412, додека пак бројот на туристите во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, е зголемен за 8.7 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 4.8 проценти, стои во соопштението на Државниот завод за статистика.

Најголемиот дел од туристите, односно 23.133 во декември престојувале во Скопје, 18.066 посетиле некое езерско место, 5.356 посетиле некоја планина, а само 1.928 биле гости во некоја од нашите бањи.

Македонија ја посетиле и туристи и од Австрија, Белгија, Белорусија, БиХ, Велика Британија, САД, Јапонија, Кина, Финска, Франција, Италија, Малта, Норвешка, Романија, Словенија, Украина, Холандија.

Според Државниот завод за статистика, бројот на домашните туристи во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, е зголемен за 1.7 процент, а бројот на странските туристи е зголемен за 12.6 проценти.

– Воедно и бројот на ноќевањата на домашните туристи во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, е зголемен за 0.4 проценти, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 7.8 проценти, соопштуваат од ДЗС.

Во периодот јануари-декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 5.1 проценти, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1.9 проценти, а кај странските има зголемување за 7.1 проценти.

Во периодот јануари-декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 2.7 проценти, и тоа: бројот на ноќевањата на домашните туристи остана на исто ниво, а кај странските има зголемување за 5.8 проценти. (Крај)

извор: ДЗС/lokalno.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука