февруари 14, 2020

Софија/Охрид, 14. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од 13-ти до 15-ти февруари ќе ја презентира туристичката понуда на Република Македонија заедно со дванаесет ко-егзибитори на најголемиот настан во туристичката индустрија во Бугарија, што се организира по 37-ми пат – „Holiday & Spa Expo“.

Можностите за промоција на туризмот АППТ ги промовира заедно со општините Дојран, Струга, Крушево, Струмица, и делегација од повеќе од триесетина туроператори и хотелите Аурора, Изгрев, Силекс, Гогов, Сириус, Парк, Маива, Мизо и туристичката агенцијa Глобус Травел, соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– Бугарскиот туристички пазар е еден од најзначајните за туристичкото стопанство на Македонија. Профилот на туристи од Бугарија кои патуваат во нашата земја вклучува посетители чија старосна граница е околу 35-45 години, патуваат организирано (фамилијарни посети), а го посетуваат Охрид, Скопје, Струмица, Делчево, Крива Паланка. Најчесто патуваат за одмор и еднодневни екскурзии во источниот регион на нашата земја, гастрономско уживање, посета на манифестации и верски туризам, изјави директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.

Најави дека оваа година во септември и октомври се очекуваат првите чартери на релација Софија-Охрид, по подолг период преговори за поврзување на Македонија и Бугарија. Тој истакна и дека придобивки од учеството на земјава на „Holiday & Spa Expo“ 2020 е вмрежување и деловни контакти со големи туристички компании низ целиот свет, нови можности за инвестирање и проширување на работа во туристичкиот сектор, учество на конференции, панел дискусии и настани поврзани со иднината и перспективите на туристичкиот сектор, место каде може да се обезбедат договори за испорака на производи и услуги.

– Саемската манифестација нуди одлична можност да бидеме во тек со најновите трендови и можности за бизнис во туристичкиот сектор, како и набљудување на конкурентното опкружување во регионот и пошироко, рече Јаневски.

Меѓународната туристичка берза „Holiday & Spa Expo“ е во календарот на најзначајните настани во туристичкиот бизнис веќе 37 години како најрепрезентативен туристички настан во Бугарија, а на кој се промовираат повеќе од 60 дестинации и туристички региони со учество на 20.000 професионалци и посетители.

Промоцијата на македонските туристички дестинации на бугарскиот пазар секако ќе го зголеми бројот на туристи од Бугарија, кој изнесува седум отсто раст кај туристите и пет отсто зголемување на ноќевањата во 2019. Целта за 2020 година е раст на странските туристи од 5-7 отсто, остварени ноќевања со раст од десет проценти односно 1,3 милиони туристи, што поблиску до четири милиони ноќевања и 420 милиони девизен прилив од туризмот, додава Агенцијата во соопштението.

Согласно последните статистички податоци во периодот јануари-декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, купниот број на туристите е зголемен за 5,1 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,9 отсто, а кај странските има зголемување за 7,1 отсто.

Во периодот јануари-декември 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 2,7 отсто и тоа: бројот на ноќевањата на домашните туристи остана на исто ниво, а кај странските има зголемување за 5,8 отсто. (Крај)

извор: Плус инфо фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука