март 9, 2020

Скопје, 9. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти за нов случај на заболен од новиот корона вирус Covid-19.

Доцна синоќа на Клиниката за инфективни болести е дијагностициран нов случај на заболен, пациентката денеска е хоспитализирана, а нејзината состојба е стабилна, со лесна клиничка слика исто како и сопружниците дијагностицирани претходно. Денеска ќе се направи контролен тест за првата пациентка кај која првиот тест покажа дека е негативна на корона вирусот за да биде испуштена од болница.

– Со огромно разочарување за непочитувањето на препораките и апелите за задолжителна автоизолација после патување во ризичните региони во странство, заболената е лекарка која пред една недела допатувала од Италија, таа е директорка на Клиника за кожни болести и во изминатите пет работни дена одела редовно на работа, извести Филипче.

Имајќи го ова предвид, со исклучително големо внимание се пристапува кон мерките на Клиниката за кожни болести, се прави проценка на степенот на ризик за сите коиконтактирале со неа, вработени и пациенти, нагласи министерот.

Тој најави дека можно е согласно проценката на епидемиолозите, одделот да биде целосно затворен, а персоналот согласно фреквенцијата и должината на контактот можно е да бидат пратени на домашна самоизолација. Пациентите кои се хоспитализирани и можат да продолжат со лекување во домашни услови каде што тоа е можно, а другите да бидат пренасочени во други институции.

– Добро е што колешката немала ден во амбуланта, а со тоа и директен контакт со пациенти кои доаѓале од надвор, нагласи Филипче.

Од анкетата во која ги навела сите други контакти, семејство, пријатели, за сите нив согласно разговорите со епидемиозолите ќе се одлучи за каков вид на изолација ќе станува збор.

– Морам да кажам дека сум максимално разочаран, рече Филипче во врска со непочитувањето на препораките за заштита од страна на докторката. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука