март 10, 2020

Скопје/Охрид, 10. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Авио компанијата WizzAir ги откажа и летовите од Скопје за Рим, Чампино, откако со одлука на италијанската влада цела земја е ставена во изолација за да се спречи ширењето на Корона вирусот.

Минатата недела, поради слаба заинтересираност за патување кон северна Италија, WizzAir ги укина и летовите од Скопје и Охрид за Милано Малпенса и од Скопје за Тревизо (Венеција), јави порталот СДК.

Компанијата соопшти дека од денеска се откажуваат сите летови на унгарскиот нискобуџетен превозник до градовите Алгеро, Бари, Болоња, Катанија, Милано Бергамо, Милано Малпенса, Неапол, Пиза, Рим Чампино и Рим Фјумичино и Тревизо. Во најновото соопштение нема датум до кога ќе бидат суспендирани летовите за Италија.

Од WizzAir известуваат дека оние кои имаат купено карта преку интернет или на мобилната апликација на авиокомпанијата ќе добијат известување на нивната електорнска пошта и ќе им биде понудена бесплатна повторна резервација, целосно враќање на парите и 120% враќање на парите во кредити.

Патниците кои имаат резервации преку туристички агенции треба да стапат во контакт со агенциите за да си ги вратат парите. (Крај)

извор: СДК фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука