април 7, 2020

Охрид, 7. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со интервјуа со бројни охриѓани, Супер радио и OhridPress ја продолжуваат кампањата #SediSiDoma.

За тоа како го поминуваат времето во карантин, како најбрзо поминува времето, со кои активности најчесто го исполнуваат, денес разговараме со новинарот Љупчо Танески.

OhridPress: Како се справувате со карантинот. Дали следите постојано на медиумите што се случува или се одлучивте за комплетна изолација?

Танески: Секојдневно ги следам медиумите, бидејќи ова е време кога сите сакаме да сме информирани. На почеток ги следев во живо прес конференциите, а сега во оваа фаза само се информирам за бројот на заболени и во кои општини се тие. Секако читам и некои светски аналитичари кои овој период го нарекуваат „Трета светска војна“. Дали ќе е така ќе видиме во иднина, но како и да е, треба да останеме свесни, смирени и одговорни прво кон себеси и семејствата, а потоа и кон целата држава и да се придржуваме до препораките.

OhridPress: Неколку совети од Ваша страна, односно што практикувате во домот за побрзо да помине времето во изолација?

Танески: Секој ден одам наутро да пешачам сосема сам, бидејќи по улиците во 07:00 часот нема никој. Потоа како и сите седам дома и секој работен ден со синот Андреј учиме онлајн, пишуваме домашни кои потоа ги испраќаме кај учителката да ги прегледа и оцени. Играм и игри низ дома со Андреј, од „Нелутисе човече“, преку шахот и па се’ до бркање низ собите. Овој период детството на децата на одреден начин им е скраено, деновите ги врват дома, па гледам колку можам да надополниме со разни игри и содржини. Мојата зависност од спорт ме натера да купам тегови и некои други реквизити па сега почнав и да вежбам во домашни услови. Секој ден разговарам на телефон со пријателите со кои разговорите не ни се како порано туку за да врви времето. Работењето од дома мене не ми е ново, јас така работам 15 години и тоа ми е сосема нормално. Значи би препорачал да се донесе ако е можно работата дома, да се вежба дома (не мора со тегови има илјадници видеа со вежби на YouTube) и да се гледа квалитетна програма или чита книга.

OhridPress: Дали може да ни предложите некој филм, серија, музика или книга за нашите читатели?

Танески: Ако сакаат да слушаат музика нека слушаат радио. Супер Радио барем за мене е сосема доволно и го препорачувам. Што се однесува до филмови, периодов изгледав повеќе серии на „Нетфликс“. На прво место би ја препорачал „Марко Поло“, потоа ја гледав серијата за османлиското освојување на Константинопол (Rise of Empires: Ottoman), а ги препорачувам и „Круна“ (The Crown), „Атентатот на Џани Версаче“ (The Assassination of Gianni Versace), „Наркос“, „Римска Империја“ (Roman Empire). За подоцна во ноќта би ги препорачал двата дела на „Педесет нијанси сиво“. Тоа е што гледав јас до сега во карантин. Кога почна пандемијата имав почнато да ја читам „Кој владее со светот“ од Ноам Чомски, а пред тоа ги читав „Говорот на телото“ од Алан и Барбара Пиз и „Черчил- моќта на зборовите“ од Мартин Гилберт, па можам тие да ги препорачам.

OhridPress: Додека сме во домовите се конзумира повеќе храна. Некој предлог за омилено јадење за полесно да помине карантинот?

Танески: Конзумирањето храна во поголеми количини од потребното изгледа е глобален феномен во овој период, нешто слично како со купувањето тоалетна хартија. Никој не знае зошто, но тоа сите го правиме. Јас барем јадам по цел ден и тоа веќе ми прави проблеми. Би препорачал да се јаде што повеќе здрава храна. Ако веќе вака затворени јадеме по цел ден, барем да јадеме витамини и протеини. За готвење би препорачал стек од мисирка со компири печени во релна и мешана салата. Едноставено е за готвење, здраво е, има витамини и протеини од кои ќе имате корист.

OhridPress: Се надеваме дека за брзо време ќе го надминеме и овој сериозен предизвик. Што ќе направите прво по нормализирањето на состојбата и укинувањето на вонредната состојба?

Танески: Прво ќе појдам да вежбам во теретана рано наутро. Тоа премногу ми недостасува. Потоа ќе излезам со другарите, сите заедно да јадеме, да пиеме, да се смееме, да ја прославиме повторно слободата, среќата и едноставно да се радуваме па може дури и да „тресиме глупости“. Овој своевиден „куќен притвор“ ни покажа колку убав бил животот кој ние го минувавме во трка со времето, кариерите, работата… Добро е што повеќе време поминавме со семејствата, но најдобро ќе биде кога ќе се врати се’ во нормала и ќе продолжиме напред. Само да сме сите здрави и живи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука