мај 9, 2020

Скопје, 9. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – И покрај најавата на Министерот за економија Крешник Бектеши дека Владата наскоро ќе донесе одлука за отворање на кафетериите и рестораните, се’ уште нема официјална потврда на оваа информација.

Бектеши истакна и дека за угостителскиот сектор ќе следува и нова поддршка од државата откако ќе бидат отворени објектите.

Од резултатите на тестирањата, дали ќе има помал или поголем број новодијагностицирани со коронавирусот, ќе зависи димензионирањето на натамошните мерки и постепеното отворање на економијата, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тие резултати денеска ќе бидат анализирани на состаноци на Комисијата за заразни болести и на централниот Штаб на Владата, по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат мерките и кои субјекти прво ќе бидат отворени. Ако денешната бројка на новодијагностицирани, од тестирања направени вчера, е повторно онаква како како што покажува трендот од изминати две недели, а не како завчера, таа би се толкувала како варијација, и ќе биде препорачано постепено отворање на институциите.

Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите, изјави вчера министерот, додавајќи дека за овие предлози ќе се дискутира на денешниот состанок и ќе бидат предложени до Централниот штаб во Владата. Приоритет ќе имаат оние кои лесно можат да воспостават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и оние кои можат да овозможат шалтерски систем, појасни министерот.

Во меѓувреме, охридските угостители најавуваат дека наскоро ќе започнат со работа и дел од нив започнаа и со подготовка на објектите за отворање.

До четири лица на една маса, не мора да се од исто семејство, но на определена оддалеченост меѓу две маси или пак со граничник од плексиглас или стакло. Ова се дел од мерките кои според се’ уште неофицијалните информации ќе стапат на сила од понеделник, кога под посебни хигиенски услови, на отворени простори односно летни тераси, ќе почне олабавувањето на рестриктивните мерки за угостителскиот сектор. Се очекува кон крајот на оваа работна седмица да биде одлучено, од понеделник угостителските објекти да почнат со ограничена работа. Ќе може да се служат храна и пијалоци, кои ќе бидат дезинфицирани пред да бидат послужени на гостите. Можно е да биде наложено да се користат и чаши, лажички, садови за еднократна употреба. Се размислува и за наплата само со платежни картички. Работното време на кафе баровите и рестораните за почеток би било до 18:00 или 19:00 часот.

Од Центарот за јавно здравје Охрид денес излегоа со официјалниот Билтен во кој стои дека во Охрид и Дебрца веќе нема активни пациенти на COVID-19. Со намалувањето на интензитетот на ширењето на заразата од коронавирусот, охридскиот Центар за јавно здравје ги потсетуваат сите угостители, стопанственици, дека пред започнување со работа на објектот задолжително е потребно да биде извршена целосна дезинфекција на просторот од страна на овластена јавна здравствена установа и со соодветно дезинфекционо средство чија употреба е одобрена од страна на Министерството за здравство.

На почеток ќе работат само терасите надвор, што секако нема да биде рентабилно, но секако ќе биде повеќе отколку досегашниот период кога објектите воопшто не работеа, изјави за Супер радио и OhridPress претседателот на охридскиот угостителски еснаф, Михаил Мишев.

– Очекуваме да се официјализира најавата дека со работа ќе се почне од понеделник. Дека ќе биде рентабилно воопшто не, но ќе биде повеќе од нула. Кај голем број од објектите, бидејќи сме ограничени со квадратурата, уште не знаеме како сето тоа ќе изгледа. Како што е најавено ќе се отвораат прво терасите надвор, но не секој има тераса и тоа е еден параметар. Кој има поголема тераса нешто ќе успее да сработи. Прво беше речено дека 20% од капацитетот ќе работи, со по две лица на маса. На пример ако се 30 маси, да работат 6, по двајца гости на маса тоа се 12 луѓе истовремено. Сега со последните најави ќе е дозволено во рестораните и кафетериите на маса да може да седат максимум 4 лица кои не мора да се роднински поврзани. Ќе треба да се преориентираме да имаме редар, човек што ќе дезинфицира. Во секој случај очекуваме официјална потврда за начинот како ќе се реализира работата во наредниот период. Во однос на предлози и сугестии од наша страна ги изнесовме преку форуми и преку Стопанската комора како верифицирано тело, потенцира Мишев.

Во однос на отпуштањата од работа во угостителскиот сектор како еден од најпогодените сектори поради кризата со коронавирусот Мишев вели дека има делимични отпуштања, но не можеше да потврди по какви основи.

Деновиве низ Охрид, додека се чека одлуката за почеток со работа, угостителите ги подготвуваа објектите, се чистеа и дезинфицираа внатрешноста, масите и столиците, терасите. Истовремено останува обврската граѓаните да носат заштитни маски во секој затворен објект и на отворено каде што не може да се обезбеди доволна оддалеченост меѓу граѓаните, како на пример на зелените пазари и тн. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука