мај 17, 2020

Скопје, 17. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Многу наши граѓани ќе сакаат да патуваат во Грција, многу нивни граѓани ќе сакаат да дојдат кај нас. Но, ќе има и транзит. Така што разговаравме за опциите за тоа, за начинот на движење на граѓаните, поминување на границите, наскоро ќе подготвиме документ, кој ќе го разгледаат стручните лица – епидемиолози и до крајот на следната недела ќе биде финализиран.

Ова се дел од мерките во пресрет на летната сезона и вообичаеното зголемено движење преку границата и транзитот со Грција, кои синоќа во интервју за Тв Сител ги објави министерот за здравство д-р Венко Филипче.

– Кога ќе го разгледаме оваа недела, верувам дека ќе го најдеме и заедничкиот начин за соработка, а потоа тој документ ќе се даде и на други соседни земји. Третманот за време на престојот во некоја од нашите земји, олеснување на транзитот и чекањето на границите и пристапот до здравствена заштита се трите точки на кои се фокусиравме во разговорите со колегите од Грција, изјави министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Тв Сител, образложувајќи што е договорено во пресрет на летната сезона и вообичаеното зголемено движење преку границата и транзитот.

За тоа дали има потреба од имунолошки пасош, односно дали ќе биде неопходно тестирање пред патувањето, Филипче го соопшти личниот став дека има одредени групи граѓани за кои во одредени временски рамки е потребно тестирање, додека во други случаи тоа е бесмислено.

– Тоа е кога има точен број луѓе за кои се знае каде престојуваат. Но кога имаме масовност, тој тест, имајќи предвид дека неговата важност е до 48 часа, после тоа може да изгуби смисла. И не е суштината ниту фокусот. Не е да има тест априори, туку третманот ако има потреба за тоа, за време на престојот во некоја од земјите. Битно е да се организираме ние соседните земји за протокот и движењето на граѓаните, бидејќи треба да се олесни движењето и да нема гужви на границите, а притоа да се заштити здравјето на граѓаните, напомена министерот Филипче.

Тој откри дека на средбата во Атина била разгледувана можноста, доколку дојде до заболување на граѓаните од COVID-19 за време на престојот во соседната земја, за граѓаните од двете земји да се обезбеди бесплатно лекување. (Крај)

извор: Тв Сител фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука