мај 25, 2020

Охрид, 25. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – На 25. мај 1979 година Јосип Броз Тито, доживотниот лидер на СФРЈ за последен пат присуствуваше на прославата на Денот на младоста, а штафетата му ја предаде студентката од Приштина Сание Хисени, која му се обрати на албански и српско-хрватски јазик.

Веќе следната година, на 4. мај Тито почина, а штафетата која во тој момент патуваше низ Хрватска, го прекина патот и беше пренесена во Белград и одложена во Собранието на СФРЈ каде беа посмртните останки на Броз.

По неговата смрт, манифестациите продолжија, но под друг слоган – „И по ТИТО – ТИТО“, со заклетва дека Југославија ќе истрае на неговиот пат, а штафетата ја примаше актуелниот Сојузен претседател на младината на СФРЈ. Последeн пат штафетата патуваше во чест на ТИТО во 1987 година. Одржувањето на слетот на стадионот на ЈНА во Белград, како централна манифестација за прослава на Денот на младоста, 25-ти мај, беше укинато со одлука на 26-ти јануари 1988 година

Југославија не остана на Титовиот пат и замина во историјата, исплакана со солзите и крвта на илјадници граѓани кои ги загубија животите во крвавата војна.

Image may contain: 1 person, outdoor

Околу името и делото на Броз се ширеа и шират многу легенди, некои го нарекуваат диктатор, за други е лидер на земјата која им буди најубави спомени. Сепак, останува фактот дека овој регион после тоа не изнедри лидер со таква харизма и моќ.

Погледнете го видеото од посетата на Јосип Броз Тито на Охрид во 1967 година. Тој е срдечно поздравен од граѓаните на Охрид. За време на престојот, тој ги разгледува најзначајните културно-историски споменици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука