септември 23, 2020

Скопје, 23. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија го усвои Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачи на училиштата за организирање на настава со физичко присуство, за периодот од втори до 14-ти септември 2020 година.

Општина Дебрца доби согласност за ООУ „Дебрца“ за организирање настава со физичко присуство на учениците од четврто до деветто одделение во смени, исто како и за ПУ село Оровник и ПУ село Требеништа, за ПУ село Мешеишта, за ПУ село Ботун.

ПУ село Велмеј, ПУ село Злести и ПУ село Издеглавје во оваа општина добија согласност за организирање настава со физичко присуство на ученикот од петто одделение заради комбинирана паралелка, а ПУ село Горенци и ПУ село Лешани добија согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците од четврто до деветто одделение.

Владата го прифати предлогот на Комисијата согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта.

Извештајот констатира дека не ги исполниле условите 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.

Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија). (Крај)

извор: Влада на РМ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука