септември 24, 2020

Охрид, 24. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридската атлетичарка Марија Јованоска, како најдобра младинка и државен првак на 100, 200 и 400 метри, успеа да ги исполни сите норми, а тоа и обезбеди пласман на Балканското младинско првенство, кое неодамна се одржа во Турција, од каде се врати со подобрен личен рекорд од 26,50.

Со своите 19 години, Марија мечтае во иднина да го „урне“ и државниот рекорд од 23,75, а мечтае и во иднина да ја претставува Република Македонија на Европското и Светското атлетско првенство.

-За да ги постигнам зацртаните цели, мои двигатели се вербата, љубовта и упорноста, вели Јованска, која беше денешен гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио. Јованоска вели дека е среќна што и покрај искучетелно тешките услови за тренинг поради пандемијата, сепак успеала и во имповизирани услови да ја одржи добрата форма и кондиција.

За нејзината приказна и атлетските успеси, прочитејте повеќе во интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Која е Марија надвор од атлетиката?

Јованоска: Имам 19 години и сум студент на Факултетот за физичка култура, спорт и обрразвание. Во моментов би требало да бидам во Скопје на студии, но поради пандемијата, среќна сум што сеуште сум во Охрид, каде максимално уживам, бидејќи овие две недели одмарам од тренинзите.

Супер радио: Од Балканското младинско првенство се врати со подобрен личен рекорд. Како во условите со пандемијата успеа да тренираш и да одржиш кондиција?

Јованоска: Изминатиов период, особено карантинскиот, беше навистина тежок за сите, но желбата и љубовта кон атлетиката си го направија своето. Добрата форма и кондиција успеав да ја одржам дури и во карантинските услови, тренирав дома, но морам да признам дека ми беше многу тешко. За жал стадионите беа затворени, па покрај дома, формата ја одржував и со трчање на патеката кај каналот „Студенчишта“.

Супер радио: Кога се одржа Балканското превенство и какви се импресиите од него по твоето враќање во Охрид?

Јованоска: Балканското првенство за младинци се одржа на 12-ти и 13-ти септември, во Турција. Импресиите се големи, бидејќи и конкуренцијата беше голема. Ја претставуваш својата земја и се стремиш секогаш кон добар резултат. Презадоволна сум што направив свој нов личен рекорд и тоа на првенство од ваков формат. Задоволна сум и подготвена во истата насока да вложам уште многу труд, верба и во иднина уште повеќе да ги подобрам резултатите. Во моментов сум најдобра младинка, државен првак на 100, 200 и 400 метри. Личниот рекорд ми е 26,50, а државниот рекорд е 23,75. Сакам да го подобрам државниот рекорд и навистина се трудам и целосно се вложувам себе си во таа цел.

Супер радио: На кој начин обезбеди учество на Балканското младинско првенство?

Јованоска: За да се учествува на Балканското првенство, претходно треба да се има резултати од сите атлетски натпревари кои ги организира Атлетската федерација на Македонија, на Купот на Македонија, Купот на сениори, на младинското поединечно и сениорско првенство. На овие натпревари има зададени норми, кои мора да се исполнат. Јас, како младинка до 20 години успеав да ги достигнам сите норми во моите дисциплини и да станам државен првак на 100, 200 и 400 метри во моја возраст.

Супер радио: Дел си од АК „Охрид“. Кој те тренира и се подготвуваш ли за некој следен предизвик?

Јованоска: По смртта на тренерот Влатко Димитров сите атлетичари тренираме сами, со тренинзи од други тренери кои не се физички присутни, што навистина е многу тешко за нас. Во моментов тренирам според програмата на Александра Војнеска, а предизвици секогаш постојат и убаво е што е така. Кон зимскиот преиод следен предизвик ни се натпреварите во сала, а предизвик е и да се земе учество на Европското и Светското првенство, но има време. До тогаш ќе продолжам да бидам упорна во целите и да вложувам во себе, со надеж дека ќе бидам дел од овие првенства. За да го постигнам тоа тренирам шест дена во неделата, понекогаш имам и два тренинзи дневно, а потребна е и соодветна исхрана. Вербата, љубовта и упорноста се мои двигатели за да ги постигнеме зацртаните цели.

Супер радио: Кога ја откри во себе љубовта кон спортот, конкретно атлетиката?

Јованоска: Почнав да тренирам на 13 годишна возраст, уште од мала спортот ми беше „слаба“ страна. На самите почетоци почнав да тренирам кошарка, но потоа повеќе ме привлече атлетиката, на што целосно се посветив. Во тоа време во клубот АК „Охрид“ тренер ни беше покојниот Влатко Димитров и слободно можам да кажам дека поради него уште повеќе ја засакав атлетиката.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука