октомври 27, 2020

Охрид, 27. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во објектите на Детската градинка „Јасна Ристеска“ досега се регистрирани три позитивни случаи на COVID-19 меѓу вработените, од кои едниот случај е забележан пред градинките да почнат со работа.

Директорката на градинката, Мери Рилкова, во изјава за Супер радио и OhridPress вели дека меѓу децата нема заболени или со симптоми на коронавирус, а како и секоја сезона во овој период актуелни се само настинките.

– Згрижувачкиот и воспитниот процес се одвива согласно протоколите за работа дадени од министерството за здравство. Имавме една негувателка позитивна на вирусот, но пред да почнеме со работа, таа е веќе излечена. Позитивна на вирусот беше и една воспитувачка, која веќе во понеделник се враќа на работа. Моментално имаме само негувателка која е во изолација. Заразени деца нема, засега сé е во ред, има само настинки нормални за овој период, но сега и родителите се попретпазливи, додека не помине настинката не ги носат децата во градинка, потенцира Рилкова.

Таа истакна дека во целост се почитуваат здравствените протоколи, навреме се интервенира кога ќе се јави настинка кај децата и ја потенцира добрата соработка со родителите.

Во моментов во сите објекти на детската градинка се згрижени 250-260 деца, поголемиот дел од нив во градинскиот дел.Соглано протоколите, градинката има капацитет да прими 597 дечиња

По половина година, градинките во земјава беа отворени на 9-ти септември, под посебни протоколи кои се однесуваат на установата, вработените и родителите. И на децата и на вработените при влез задолжително им се мери температура. Вработените задолжително носат маски. Внатре во градинките престојот на децата е организиран на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите. За секое дете треба да се обезбедени по две постелнини. На секои два часа се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите, а растојанието меѓу масите е 1,5-2 метри. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука