октомври 29, 2020

Тајпеј, 29. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Тајван не се пријавени домашни случаи на пренесување на коронавирусот веќе 200 дена, а владата укажува на постојан успех на островот во одржувањето на вирусот под контрола, дури и кога расте бројот на пациенти во другите делови на светот.

Тајванскиот центар за контрола на болести (ЦДЦ) последен пат информираше за домашен случај на инфекција на 12 април. Официјалните лица на ЦДЦ им се заблагодарија на граѓаните што помогнаа во одржување на вирусот под контрола, истовремено повикувајќи ги да продолжат да носат маски и често да ги мијат рацете.

Од почетокот на пандемијата, Тајван евидентираше 553 случаи Ковид-19 и само седум смртни случаи.

Иако го запре пренесувањето на инфекцијата меѓу домашното население, во Тајван сепак има нови случаи кај луѓе кои доаѓаат од странство. Тајван има строг карантин од 14 дена за сите оние кои доаѓаат од странство, без разлика дали се домашни или странски државјани.

Експертите велат дека раното затворање на границите и строгото регулирање на патувањето многу придонеле борбата против вирусот. Другите фактори вклучуваат ригорозно следење на контактите, карантин што се спроведува и контролира со технологија и универзално носење маска. Исто така, смртоносното искуство на Тајван со САРС ги исплаши луѓето и ги натера да бидат многу дисциплинирани кога станува збор за почитување на мерките, наведува Тајмс. (Крај)

извор: ТВ 21 фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука