ноември 14, 2020

Скопје/Охрид, 14. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Пред истекот на рокот за туристичките ваучери, граѓаните искористиле само половина од доделените ваучери, со што во туристичкиот сектор како владина помош легнале 4,2 милиони евра.

Дел од туристичките работодавци бараат од Владата дополнителни мерки за пребродување на економската криза, анализира slobodnaevropa.mk.

Речиси една половина од туристичките ваучери кои беа дел од владината економска помош поради пандемијата, досега се искористени, покажуваат податоците од Министерството за економија. Граѓаните преку платформата на министерството подигнале 100 289 ваучени од кои само 42 992 се реализирани во туристичките капацитети, велат оттаму. Тоа значи дека од речиси 10 милиони евра планирани за оваа цел, до денеска се реализирани вкупно 4,2 милиони евра. Туристичките ваучери беа со вредност од 100 евра наменети за граѓани со минимални примања до 15 илјади денари. Со нив граѓаните најмногу летувале во Охридско-струшкиот регион, односно 40 проценти од искористените ваучери се реализирани во тој крај. Потоа 35 проценти од останатите ваучери биле искористени сезонава во Дојран, Преспа, Куманово, Струмица, Битола и Крушево. Додека 25 проценти биле потрошени во планинските туристички дестинации како Маврово, Попова Шапка, Берово и Пелистер.

На првите две места од топ пет туристистички капацитети каде што граѓаните ги инкасирале туристичките ваучери се струшките хотели Дрим и Изгрев.

Бројот на туристи намален за над 70 отсто

Во периодот јануари-септември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60.4 %. Годинава има за 20 проценти помалку домашни туристи од лани и 83 проценти помалку странски туристи во однос на истиот период минатата година. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е намален за 63.9 %, а бројот на ноќевањата е намален за 57.5 %. Бројот на домашните туристи во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, е зголемен за 33.7 %, а бројот на странските туристи е намален за 92.3 %.

Во најавата на министерството на почетокот на летото беше наведено дека во промет ќе бидат пуштени 117 туристички ваучери со кои ќе треба да им се помогне на луѓето до туристичкиот сектор но и на ранливите социјални групи на граѓани кои имаат минимални промања, да ја поминат летната сезона. Граѓаните можеа да летуваат во хотели, вили и апартмани, под услов сместувачките капацитети да бидат регистрирани на платформата на министерството за економија.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: Слободна Европа фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука