јануари 22, 2021

Охрид, 22. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Навиките за патувања и туризам веќе се сменети под влијание на COVID-19 кризата: туристите патуваат во помали групи, во помалку истражени места како национални паркови, планини и рурални места и сакаат да истражуваат локални искуства и храна.

Ова е еден од заклучоците на виртуелниот настан „Регионално вмрежување и соработка во туризмот како клучен фактор во закрепнување на индустријата во пост-Ковид ерата”. Целта беше да се претстават потенцијалите за регионална соработка на земјите од Западен Балкан и можностите за побрзо закрепнување на туризмот во периодот по пандемијата со COVID-19.

Учество зедоа над 100 претставници од приватен сектор и институции за промоција и поддршка на туризмот од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, како и Украина како земја гостин. Се споделија статистички податоци и информации од туристичкиот сектор во земјите – учесници, а беше презентирана и туристичка понуда, со посебен акцент на зимски и активен туризам.

Со оглед на тоа дека земјите од Западен Балкан изобилуваат со вакви природни богатства и традиција, ова може да е одличен момент за зајакната регионална соработка. На тој начин, балканските земји ќе можат да создадат побогата туристичка понуда за гостите од регионот и пошироко, со посебно внимание на активности кои се безбедни и атрактивни за време на и по пандемијата од COVID-19.

Како дел од овој настан, се закажаа 53 директни B2B средби од кои се реализираа 26, што им овозможи на туристичките бизниси од регионот да ги претстават своите туристички услуги, екскурзии, пакети, сместувачки капацитети, да споделат искуство и остварат соработка за промоција на регионално ниво, како и да се поврзат со различни владини и невладини институции, професионалци во секторот, бизнис организации и асоцијации со цел полесно опоравување од кризата предизвикана од ковид пандемијата.

Настанот беше организиран од Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и развој на претпријатија (EDGE), Проектот на УСАИД за развој на одржлив туризам во Босна и Херцеговина (Turizam), Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука