март 2, 2021

Скопје, 2. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Матурантите деновиве повторно ги пријавуваат испитите за државната матура во согласност со новите измени што ги постигнавме со договорот, вели за „Слободен печат“, Бленди Ходаи, лидерот на Средношколскиот сојуз.

Според Ходаи, засега без никакви проблеми се одвива процесот за матурантите, според кој, оние кои до крајот на декември пријавија дека ќе полагаат матура, сега одново се пријавуваат во училиштата за да ги променат предметите што ќе ги полагаат, согласно постигнатиот компромис за измени на концепцијата за оваа генерација на матуранти.

– Запишувањето на предметите започна на 22-ри февруари, а ќе заврши на 5-ти март, за да можат навреме да се внесат податоците во системот на Државниот испитен центар – додава Ходаи.

Како Сојуз на средношколци номиниравме осум наставници и преставник на матурантите во работната група за подготовка на скратени испитни програми за изучување за време на ковид кризата, вели Ходаи.

Тој посочи дека засега сѐ се одвива според постигнатиот договор за државна матура со премиерот Заев, според кој материјалите за полагање матурантите ги подготвуваат заедно со претставници од МОН и Бирото за образование и наука.

– Целиот овој процес работната група треба да го заврши најдоцна до 12.03.2021, за да се ревидираат тестовите за екстерните испити – додава Ходаи, истакнувајќи дека кога станува збор за интерните испити до училиштата се испратени сите потребни упатства матурантите да добијат поголем број на прашања, од кои одреден дел ќе им се паднат на испитите кои ќе ги полагаат.

Директорите на училиштата добија упатства од Државниот испитен центар и МОН за да ги споделат прашањата само за интерните испити. Во согласност со договорот треба да добиеме најмалку 60, а најмногу 100 прашања – заклучи Ходаи. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука