мај 18, 2021

Охрид, 18. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – E-Twinning проектот „Математички филмски фестивал 2021“ во кој учествуваа ученици од ООУ„Кочо Рацин“ од Охрид ја освои втората награда на Математичкиот филмски фестивал за 2021 година.

Во проектот учествуваат 26 наставници од 6 земји во Европа: Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија, Турција и Шведска. Од ООУ „Кочо Рацин“ учество зедоа 6 ученици од кои 4 од шесто одделение и 2 од деветто одделение.

May be a cartoon of 2 people and text

–  Првата активност која ја имаа учениците во рамките на проектот беше да ја прочитаат книгата „Човекот што броеше“ од Махалба Тахан. Желбата да им ја приближам математиката на учениците од поинаков агол беше главна причина да се пријавам и да учествувам во проектот Математички филмски фестивал 2021 година, истакнува наставничката Силвана Крстеска од ООУ„Кочо Рацин“.

May be an image of 1 person

Додава дека учениците учествувале на повеќе работилници на различни теми.

– Првата онлајн работилница се реализира на 12.10.2020 година, на тема „Вовед во пишување сценарија“. На деветти ноември, имавме едукативен вебинар за анимација. Г.Дамир Бачиќ великодушно ги сподели своите знаења и сознанија за ова возбудливо поле на креативност и ИКТ. Исто така, нè охрабри да откриеме софтвер за анимација како што се Flash, Premiere, Toon Boom и AfterEffects. На дваесет и шести ноември имавме интересна работилница за поврзаноста меѓу литературата и филмот. Нашиот предавач Јосип Млакиќ го сподели со нас своето изобилство на знаење за темата. Научивме за основниот филмски јазик и основните сценарија. Откако учениците ја прочитаа книгата „Човекот што броеше“, ја одбраа приказната што им остави најголем впечаток, направија сценарио според избраната приказна. Врз основа на напишаното сценарио за одбраната приказна „План на играта”, учениците Димитар Сиљановски, Емилија Силјановска, Сара Котеска, Надица Тасеска, Даниел Сиљановски и Марија Силјановска креираа анимиран филм кој беше награден со втора награда на Математичкиот филмски фестивал кој свечено се одржа на 17.05.2021 година со почеток во 17:00 часот во Сараево. На фестивалот учествуваа 15 филма од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Турција и Македонија, потенцира Крстеска.

При креирањето на филмот учениците користеле различни веб 2.0 алатки: Bitmoji, Power Point, Zoom, Google Doc и други.

– Една од активностите во проектот, покрај читањето на книгата, беше да се направи лого за проектот за кој учениците ја искористија веб-алатката Canva. Следна активност, покрај пишувањето на сценариото ни беше изработка на постер за Фестивалот каде уште еднаш учениците работеа во Canva. Потоа учениците имаа соработничка активност во алатката Ментиметар каде сите ученици учесници во проектот го запишуваа своето мислење на тема „Што е најважно за создавање на квалитетен филм?“ Врз основа на резултатите добиени од ментиметарот, учениците имаа заедничка дебата во алатката Kialo. Темата на дебатата беше „Што е најважно за квалитетен филм? Актерите или сценариото?“, додава Крстеска.

May be an image of text that says 'A Druge A gimnazije Sarajevo Alumni asocijacija THE FIRST eTwinning MATHEMATICS FILM FESTIVAL 2021 MAY 17, 2021 |5PM PM CINEMA HALL RICHMOND PARK INTERNATIONAL SECONDARY SCHOOL SARAJEVO ETWINNING PROJECT 2154440 2224440 NEMA CINEMA'

Со учеството во овој E-Twinning проект, учениците ги интегрираа книжевноста, математиката и информатиката. Станаа побогати со прочитано ново книжевно дело, ги збогатија своите знаења од медиумска писменост за филм, пишување сценарио, решаваа математички проблеми, во секоја приказна во проектот е вметната математичка загатка која треба да се реши и ги подобрија своите компјутерски вештини користејќи најразлични веб 2.0 алатки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука