мај 21, 2021

Скопје/Охрид, 21. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Државниот ревизор утврдил серија неправилности за изградбата на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник. Наместо за 6,5 милиони евра карабината чини 12 милиони евра и се уште не е готова, иако темелите беа удрени во 2012 година.

По 9 години и двојно повеќе потрошени пари за возобновување на Св Климентовиот Универзитет на Плаошник во Охрид, комплекстот се’ уште не е пуштен во функција, покажува извештајот на државниот завод за ревизија. Првиот предвиден рок со тендерот за реализација бил 26 месеци од почетокот на градежните активности, јави Радио Слободна Европа.

Ревизијата на Управата за заштита на културно наследство покажува дека наместо предвидените 6,5 милиони евра за изградба на карабина, досега се потрошени вкупно 12 милиони евра со анекси на договорите и објектот се уште не е во функција.

Еден клучен проблем во целата изведба на тој проект е што Управата за заштита на културно наследство нема надлежност за изградба на нова градба. Тоа требало да го направи Министерството за култура, велат ревизорите. Втор проблем е што локалитетот се гради во област каде што се вршени археолошки истражувања и во „Старото градско јадро на Охрид“ кое спаѓа во категорија културно наследство од особено значење и во кое со закон е децидно предвидено кои градежни дејствија не смеат да се преземаат.

Препораките на УНЕСКО прифатени а цената не е намалена

Според документите кои ги разгледувале ревизорите, УНЕСКО во 2013 година препорачал намалување на катноста на градбата и да не се градат објектите Афилијации на светски универзитети и Компјутерски центар.

„Во извештајот на Советодавната мисија на ИКОМОС/УНЕСКО од 12.12.2013 година е нотирано дека проектот е некомпатибилен со универзалната вредноста на објектот од светско наследство и се предлага да се намали катноста“, се вели во ревизорскиот извештај.

Но, Управата за заштита на културно наследство по таквата препорака иако ја спровела, не направила нов договор за намалување на цената на градбата. Првично пресметаната вредност на двета објекта кои не се изведени изнесува 2,6 милиони евра кои си биле исплатени од буџетот.

За возобновување на Универзитетот на Плаошник се потпишани два основни договори кои подоцна со десетина анекс договори се зголемувала цената, но се поместувал и предвидениот рок за крај на изградбата. Управата не добила согласност од Владата за продолжување на рокот за изградба со истиот изведувач во услови кога рокот е истечен.

Одземањето надлежности тешко ќе ги спречи непланските градби во Струга и Охрид

За првата фаза од изведбата во 2010 година бил потпишан договор со фирмата „Конструктор Инженеринг дд Сплит“ во вредност од 9 милиони евра. Во врска со овој тендер, против тогашниот директор на Управата, Паско Кузман, финансиската полиција во 2018 година поднесе кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Кривичната пријава се однесува на и уште едно лице од Хрватска, вработен во спитската комоанија „Конструктор инженеринг“ која прва беше вклучена во реализацијата на капиталниот проект на Плаошник.

Според пријавата од 2018 година, државниот буџет е оштетен за 240 илјади евра, бидејќи изведувачот на работите во Плаошник, тетовското претставништво на „Конструктор инженеринг“ од Сплит, лажно прикажал дека за изградба на објектот биле набавени материјали и дека биле извршени градежни работи. Управата го рaскинала договорот со „Конструктор инженеринг“ во 2012 година.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: РСЕ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука