јануари 30, 2015

Скопје, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Мутираниот вирус е присутен и во земјава, последната недела од грип се разболеле 1.300 лица, двојно повеќе од една недела претходно.

На Инфективната клиника во Скопје вчера почина 12-годишно девојче од Скопје, но причината, според лекарите, не е свинскиот грип, како што првично објавија некои медиуми. Лекарите засега не знаат од што починало девојчето, кое било примено во тешка здравствена состојба со проливи, повраќање и намалена телесна температура.

– Не станува збор за грип, сезонски или пак кој било друг вид. Девојчето беше примено на Клиниката вчера околу 23 часот во исклучително тешка здравствена состојба. И покрај сите обиди на лекарите да го спасат, тоа почина по четири часа од приемот, изјави директорот на Инфективната клиника, Звонко Миленковиќ, додавајќи дека поради ваквата состојба не можеле да се направат сите можни дијагностички постапки.

Тој посочи дека детето претходно два дена било под надзор на матичен лекар и педијатар, а потоа било упатено на Детската клиника, но мајката самоиницијативно го донела на Инфективната клиника. На упатите стоело дека девојчето имало висока температура која достигнала до 39 степени, но кога ја примиле на клиника, била речиси без никаква температура или во медицината состојба познато како хипотермија.

Семејството не дозволило да биде извршена обдукција на телото, па затоа ќе се анализира само крвта која била земена пред да почине девојчето.

Мутираниот вирус на грипот А (Х3 Н2), кој според последните податоци се’ повеќе е доминантен и во европските земји, е присутен и во земјава. Последната недела во лабораторијата на Институтот за јавно здравје биле откриени два нови случаи на мутираниот грип, покрај двата случаја од декември.

Грипот повторно е во подем, што се очекуваше по завршување на зимскиот распуст.

Необично за овој период од годината е и појавата на нилска треска. На Детската клиника во Скопје, ваква дијагноза е утврдена кај петгодишно дете од Прилеп. Детето веќе десет дена е згрижено на Детската клиника и е во добра здравствена состојба. Појавата на нилска треска среде зима лекарите ја објаснуваат со влажното и топло време, поради што уште може да се најдат скриени комарци. Тие најчесто се кријат во клима-уредите. (Крај)

извор: ОхридПрес/Утрински фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука