јуни 1, 2021

Охрид, 1. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Сé поголем е интересот за правење приватни PCR тестови за различни потреби во охридскиот Центар за јавно здравје.

Низ градот веќе има странски посетители, кои доколку од кај нас продолжат на друга дестинација, зависно од тамошните протоколи, ќе им биде потребен ваков тест. Како што наближува летото, така ќе се зголемува и интересот кај граѓаните за патување надвор од Македонија.

Од Центарот за јавно здравје за Супер радио и OhridPress велат дека кај нив секој ден од 07:30 до 09:30 часот се прават приватни PCR тестови за различни потреби на тестираните лица.

– Минатиот месец имаше многу странските туристи кои се тестираа во ЦЈЗ Охрид и нивниот број секојдневно се зголемува. За децата доколку патуваат во странство ќе треба родителите да прашаат во амбасадата на таа странска држава до која возраст се ослободени од PCR тестирање, потенцираат од охридскиот Центар за јавно здравје.

Со подобрувањето на епидемиолошката состојба кај нас и во светот има постепено олабавување на ковид мерките. Очигледно ќе имаме уште едно пандемиско лето, границите се отворени, но со одредени ограничувања за туристите и посетителите. На пример доколку се патува за Албанија или Црна Гора не се бараат PCR тестови, антигени тестови или потврда за вакцини. Влезот е како пред ковид-кризата, односно се поминува само со лични карти или пасош. За разлика од овие дестинации, сите патници што доаѓаат во Грција мора да имаат или потврда за вакцинација или негативен PCR тест не постар од 72 часа. Тестот е задолжителен за сите патници, вклучително и за деца постари од пет години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука