септември 1, 2021

Охрид, 1. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – После година и половина, со физичко присуство и полн капацитет за основците и средношколците денеска започнува учебната 2021/2022 година.

Настава со примена на соодветни антиковид-протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16-ти август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Ослободени може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини со дозвола на училиштето.

Враќање на сите ученици во училишните клупи е прво од трите сценарија што пред два месеца ги подготви Министерството за образование и наука. Според МОН, тоа е и најпосакувано сценарио зашто е во интерес на учениците и е препорачано од УНИЦЕФ и ОЕЦД.

Доколку се влоши епидемиолошката состојба и се зголеми ризикот од ширење на заразата, ќе се премине на друг модел на настава односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.

За евентуална промена на моделот на наставата ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести и МОН ќе постапи по нејзините инструкции. Но, министерката Мила Царовска е уверена дека училиштата ќе останат отворени зашто и минатата учебна година, кога 40 отсто од учениците следеле настава со физичко присуство, во нив немало ширење на заразата. Според Царовска, за да бидат безбедни ќе придонесе почитувањето на здравствените протоколи и вакцинацијата на вработените во училиштата.

Владата на Република Македонија на вчерашната 103-та седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга. Одлуката е донесена заради ситуацијата со вирусот во овие општини, по што, откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука