јануари 30, 2015

Вашингтон, 30. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со овој документ потпишан од најмалку 14 конгресмени, се бара САД да работат со европските сојузници на отстранувањето на блокадата од Грција за прием на Македонија во НАТО.

– Сега е шансата НАТО да ја покани Република Македонија да се приклучи на Алијансата. Македонија во последниве 20 години покажа континуирана посветеност за придружување кон НАТО, ги задоволи сите цивилни и воени критериуми и е цел што ја поддржуваат македонските граѓани. И покрај тоа што се задоволени сите критериуми, Грција стави вето на приемот на Македонија, а неодамна новоизбраната грчка влада не истакна поинаков став, затоа ги повикуваме администрацијата, Стејт Департментот и европските сојузници да работат со Грција и Алијансата за да се осигура дека билатералните спорови нема да го попречуваат приемот на Македонија во НАТО  во корист на регионалната стабилност во светло на ситуацијата со Украина, се наведува во најновата Резолуција на американскиот Конгрес иницирана од групата за пријателство со Македонија и Обединетата Македонска Дијаспора.

– Конгресменката Милер одлучи да ја предложи оваа Резолуција најрано што можеше во оваа сесија, бидејќи е месец јануари, така што имаме година и година и пол да работиме да се покачува поддршката за резолуцијата , се надеваме и побрзо. Позитивно е што само во рок од неколку дена, 14 конгресмени ја поддржаа Резолуцијата, 11 кога се предложи во вторникот, тројца оттогаш. Седуммина се Републиканци, шестмина се Демократи. Четворица се членови на Комитетот за надворешна политика на Америка, така што многу е добро што таа поддршка продолжува, изјави Мето Колоски, претседател на Обединета Македонска Дијаспора.

Во Резолуцијата се оддава признание на Македонија за придонесот во мировните мисии во Авганистан, Ирак, Босна и сојузништвото со САД. Се потенцира дека според Светска Банка, Македонија е еден од најдобрите реформатори и економии во Европа, и дека со членството во НАТО, ќе се постигне уште поголем економски развој.

До Грција се апелира да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да се откаже од блокадата на Македонија. Резолуцијата што засега ја потпишаа 14 американски конгресмени, бара на наредниот самит на НАТО во Полска, на Македонија и формално да и биде дадена покана за членство. Резолуцијата е отворена и најверојатно до 2016-та ќе биде потпишана од уште конгресмени.

Американските конгресмени од 114-от состав на Конгресот ја донесоа третата по ред резолуција посветена на Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес/МТВ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука